речник контакт

Конечно болните во велешка Болница добија лифт

Инвестицијата е вредна 80 илјади евра. Болницата го намалила долгот на 11 милиони денари. Директорот побара подобри меѓу човечки односи и колегијалност

Петар Печков

После четири години чекање, велешката Болница доби лифтови.  Лифтот за посетителите беше долги години вон функција, додека  лифтот за пациентите и за персоналот, повеќе не работеше отколку што работеше.  Извршена е монтажана новите два лифта, инвестиција вредна 80 илјади евра, средства од буџетот на ЈЗУ Општа Болница Велес.  

Процедурата е завршена, добиени се сите дозволи и лифтовите се ставени во функција.  Замената заврши,  малиот лифт е за посетителите додека големиот е за лежечки пациенти и за службите на Болницата - кажа директорот Димитар Стровјаноски.  

За да не дојде до оштетувања, двата лифта ќе бидат соодветно обележани а портирите од институцијата имале и обука за нивно  користење.  До година ќе се работи и на најавениот панорамски лифт. Поради тоа што лифтовите не работеа, Болницата во Велес не можела да ја обнови акредитацијата но директорот најави дека наскоро ќе ја добијат и не за период од една година, туку повеќе.  Во периодот од два месеци додека траеше монтажата на лифтовите интерното одделение беше преселено од четврти на втори кат.  Така ќе остане и во наредниот период.  Причината е што  на четвртиот кат сега е преселено инфективното одделение.

За добро на пациентите од пред еден месец инфективното одделение кое е во кругот на Болницата,  е дислоцирано на четврти кат.  Со сегашната состојба на зградата каде досега беа сместени пациентите од ова одделение,  имавме проблем со греењето. И покрај  користењето на големите количини на енергенси,и со дополнителни топлински тела, температурата не се качуваше од 17 степени. Во зима тоа не е добро  и за пациентите и за персоналот, и затоа го дислоциравме се додека не се изврши реновирање. Кровот е саниран, останува дограмата и термоизолациона фасада што ќе се работи до година - кажа д-р Стровјаноски. 

 Што се однесува до финансиската состојба во здравствената институција директорот кажа дека со пребивање на побарувањата од државата, која била најголем должник кон Болницата, таа би била во позитива.  

Лани во август, кога дојдов имавме  66 милиони денари долг, сега имаме имаме само 11 милиони денари долг. Кога ќе се земе што го побаруваме од нашите должници, тоа се 27 милиони денари, ние  сме во позитива. Очекувам должниците да ни помогнат,  пред се дел од долговите кон Јавните здравствени установи. Годинава имаме инвестиции од 300 илјади евра. Најмногу на медицинска опрема и подобрување на условите за работа,  целосно ја сменивме водоводната инсталација кон сите сателитски објекти во околината. За 160 илјади евра набавивме нова опрема. Започнавме со имплементација на колкови - објасни д-р Стровјаноски.

Тој во поздравниот говор пред здравствениот персонал од Болницата,  неколку пати побара подобри меѓу човечки односи и колегијалност.   

АНКЕТА »

Дали имате доволно време да му посветите на Вашето дете/деца?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »