Петар Печков
Објавено: понеделник, 25 јули 2016
Саботата на 16 јули, околу 22 часот. Опожарена е семејна куќа кај Градскиот пазар, близу Потокот, кај дуќаните. Таа е сопственост на Јован Костов, на улица Јане Сандански бр. 12. По десетина дена од опожарувањето на приземјето и дел од првиот кат, тој започна да го фрла сметот и ја чисти куќата. Но не може да претпостави, кој тоа сакал да ја запали.
Фрлен е бензин, кога се симнав од први кат, откако куќата започна да гори, мирисаше не ова гориво. Не знам кој и зошто сакал да ја запали, но имав среќа што ја спасив. Откако пламна, се симнав, имаше нешто вода во буриња, гаснев, дојдоа и комшиите. Имаше струја ама сит газневме, можеше и друга белја да не снајде. Дојде и пожарната и огнот бргу се локализираше. Сега започнав да ја чистам – вели Костов, кој живее сам во куќата.
Тој е вработен во велешката фабрика за шински возила ,, Колска,,. Досега не добил од никого помош, па дури и сметот што го фрла, сам го плаќа. Добро е што огнот е бргу локализиран, фатил дел од приземјето, така што останаа сочувани соседните куќи, кои се лепенки до таа на Костов.
Јован е многу мирен човек, и честит. Не знаеме кој тоа може да му ја потпали. Нема никого лошо направено. Сите се чудиме. А дека мирисаше на бензин од просторијата каде тргна огнот, мирисаше – велат соседите.
Од МВР велат дека се работи на расчистување на причините за овој пожар, кој опфатил магацински простор во приземјето од куќата, како и дел од соседната. По неговото локализирање, велешките пожарникари изјавија дека причината е човечки фактор.
Tweet |