речник контакт

Крај на сагата за Хари Потер

Илјадници обожаватели ќе се соберат за да се збогуваат со момчето-волшебник Хари Потер на светската премиера на последното продолжение на филмскиот серијал кој ги руши сите рекорди.

Петар Печков

„Хари Потер и реликвија на смртта, втор дел“ е осмо продолжение – и прво во 3Д формат – на франшизата која предизвика најголемо воодушевување во јавноста и медиумско внимание од било која друга.

За холивудското студио „Варнер броз“, серијалот претставува волшебен ќуп со злато, бидејќи досегашните седум филмови заработија 6,4 милијарди долари и уште милијарда од продажба на ДВД и рекламен материјал.

За генерацијата обожаватели на Потер, филмовите се само продолжение на волшебниот свет на  британската авторка Џоана К. Роулинг и нејзината сага од седум тома почната во 1997 година и завршена во 2007 година.

Над 400 милиони примероци книги се продадени во светот, а Роулинг стана прва писателка-милијардер, обезбедувајќи огромен број фанови на филмскиот серијал.

„Ние сме Хари Потер генерација – првата книга ја прочитав кога имав пет години и сега се чувствувам помалку чудно што се завршува – како да ми завршува детството“, вели Рис, 18 годишно момче кое дојде еден ден порано за да заземе место за филмската премиера.

Најзагрижените обожаватели се собраа уште во понеделникот за да успејат за момент да ги видат ѕвездите на филмот на светската премиера.

Младите глумци, кои беа избрани кога имаа 9 и 11 години, во една прилика рекоа дека се мачат со пост-Потер светот и покрај тоа што заработиле милиони снимајќи ги филмовите.

„Откако пред една година завршивме со снимањето се чувствувам помалку изгубен и не знам што да правам со себе“, рече 22 годишниот Руперт Грин кој го глуми пријателот на Хари, Рон Визли.

Според трендот на воведување на се помрачни содржини во серијалот, врвот на последниот филм ќе биде борбата меѓу доброто и злото во Хогвартс.

Зградите ќе бидат срамнети со земја, волшебниците и вештерките ќе умрат и Хари ќе мора да се подготви за конечна пресметка со својот зол противник, лордот Волдеморт кого го глуми Рејф Фанс.

Даниел Редклиф (21), кој 10 години го глумеше Хари Потер, е воодушевен со завршетокот на филмот.

 „Делува како да е светслосни години оддалечен од сите други филмови во серијата“, рече за новинарите. „Околу квалитетот, тоа е најдобар филм кој го снимивме и јас сум воодушевен од него“.

Дали критичарите ќе се согласат со него или не, останува да се види по премиерата. Весникот „Дејли телеграф“ објави натпис во кој филмот го опишува како „монументален филм со божествени тонови и конечна порака која е позитивна за сите гледачи, стари и млади: постои темница во сите нас, но ние можеме да ја надминеме“.

Роулинг истакна дека не планира уште едно продолжение на романот за Хари Потер, а режисерот на последниот филм Дејвид Јејтс рече дека смета дека филмскиот циклус со овој филм е затворен.

Меѓутоа, волшебниот свет на Роулинг нема да исчезне. Авторката неодамна ја претстави интернет страната „Pottermore“ која ќе овозможи на обожавателите интерактивен контакт со ликовите и приказната и преку која ексклузивно ќе се продаваат е-книги за детето волшебник.

АНКЕТА »

Како да се надмине состојбата со големиот број заразени лица, позитивни на ковид-19?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »