речник контакт

Лазар Смилев за 5 децении, подготви за секој Македонец по една пита

Питата се јадеше од 29 ноември до Прочка и тоа за појадок или ручек, никако вечера

Петар Печков

Во неговиот 60 годишен работен век има подготвено околу 2 милиони пастрмалиСедумдесет и шест годишниот велешанец Лазар Смилев  обично во овој период од годината, крајот на ноемвриi  ја стартуваше неговата работна задача. Додека беше пекар на печивата во Жито Вардар, од 29-ти ноември, за него започнуваше сезона на подготовка на пита пастрамлии, која завршуваше традиционално на Прочка. Така од 1960-тата година се до 2000-та кога заминал како технолошки вишок. Но продолжил со работа во велешките но и скопски локали.

Питата пастрмалија започнувавме да ја правиме од 29-ти ноември до верскиот празник прочка. Тоа беше сезоната, ни ден порано, ни ден подоцна. Така четири децении, секојдневно, посебно беше напорно во викендите. Тогаш беше шпицот, навалица. Наутро почнувавме од 3 да го подготвувавме тестото, и веднаш по нас доаѓаа првите муштерии. Седеа и се дружеа, муабетеа. Носеа ракииче, мезенце и така додека им дојде редот. Многумина не се знаеја, но не пречеше да се разврзе муабет. Некој влегуваа по за нив познати влезови, преку ред само да се нарача пита. Таа беше статусен симбол на велешани. Сами си носеа мастраф, јајца, месо, сало, ние само тестото го подготвувавме. Душа ми паѓаше од месење тесто   – се присетува Смилев.

Гордо соопштува  дека секоја сабота и недела, тој сам подготвувал по 500 пити пастрамлии, на една печка а заедно со другите две излегувале на ден по 1,5 илјади парчиња специјалитет.  Така било се до 90-тите години на минатиот век. Потоа бројните приватни ресторани започнале да  ја ситнат работата.  

Имаше и натаму нарачки, но не  беше таква гужва, како што паметиме. Некои работи се сменија. Почнаа питата да ја јадат навечер, иако таа со својата калоричност е вистинска бомба. Не знам како можат да ја јадат ноќе. На времето се знаеше пита се ајде за појадок или ручек, и сит си за цел ден, каква вечера. Освен ова што се промени, ја измелезија и пастрмалијата. Почнаа и свинско да  ставаат. Треба да се знае, велешка пита е саде со пастрма и јајца, друго месо нема. Тоа е права пита. Но новото време и ова го промени - вели Лазар.

Додека со години ја подготвувал пастрмалијата, немало сабота, недела, се работело во интерес на потрошувачите. Ги научил кој каква сака, имало некои и со по три јајца користеле на пита, други во јајцата ставеле и кисело млеко. Објаснува  секој имал свој вкус.

 

Питата се пече на температура од 250  степени, не како сега на 150. Тоа ја прави посебна. Се пече 10 минути не повеќе, најдобро на дрва. Преку неделата на времето секоја фабрика имаше свој ден кога правеше пити за работниците. Еден ден за  работниците од Монопол, друг ден за нас Жито Вардар, па Брако, Стопанска банка.  Памтам, мажите беа тие што чекаа  преку викенд и велеа, ,,еднаш во неделата јас сум должен да направам ручек,,. Често доаѓаше, Бог да го прости Петре Прличко. Како роден велешанец преку зимо ќе дојде  специјално ќе нарача пити, ќе поседи со нас, ќе ја скаже некоја да се насмееме, се шегуваше многу. Кога ќе бидат готови ги пакуваше и си одеше дома. Не беше  само он од Скопје. Идеа и многу други, работници од Железара, се договориле по 50 пити им правев  за нив, ги земаа и назад ама на работа  Имало и за големци, ама не знам за кого, ќе нарача директорот толку пити не кажуваше за кого и правев специјални, но остана тајна кого се наранив со пастрмалија. Кога работев во Скопје, во ресторанот доаѓаа специјално иселени велешани да јадат еднаш неделно пастрмалија  – вели Смилев.

Тој веќе две години не работи, освен за домашните, посебно кога, внуците ќе побараат. Тогаш повторно се враќа на  стариот занает. Неговите пресметки се дека за целиот работен век од   пет  децении има подготвено околу 2 милиони парчиња, или колку да ја нарани цела Македонија. 

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »