речник контакт

Личноста на големиот научник Никола Тесла

Ако го замислиме модерниот свет лишен од изумите на Тесла, би биле изненадени колку тој би бил сиромашен.

lj lkjl

Ако го замислиме модерниот свет лишен од изумите на Тесла, би биле изненадени колку тој би бил сиромашен. Џиновската индустрија би била мртва, фабриките би биле пусти, градовите би останале во темнина, луѓето би биле лишени од радиото и телевизијата, би застанале трамваите, тролејбусите, возовите... ширум планетата би завладеал морничав мир, молк и мрак. Бучниот и осветлен свет наеднаш би станал маѓепсано и заспано кралство од Трнорушка. Монументалното научно дело на Тесла е грижливо проучено и добро оценето. За епохалната вредност на неговите пронајдоци на подрачјето на електрониката се знае многу и веродостојно, но за структурата и динамиката на неговата интересна личност, се знае малку и недоволно веродостојно. Личноста на Тесла и денес се уште е енигматична, обвиена со многу тајни. На површината добро се видливи способностите на Тесла и цртите на личноста како што се развиена фантазија, интровертност, љубопитност, рационализам, аскетизам и друго. Кај Тесла уште во раното детство се покажала особена моќ на имагинација односно способност за создавање детални, богати, живи и реалистични претстави во фантазијата. Благодарение на живата имагинација, Тесла лесно во својот ум реализирал многу сложени експерименти без какви било цртежи, примери и лабораториски инструменти. Тој, несомнено бил исклучително интровертна личност, грижливо свртена кон скриениот субјективен свет, склон кон интроспекција. Најголемата и најгрижливо негувана страст на Тесла била страста за изнаоѓање непознати принципи, закони и неистражени светови. Најголемо задоволство овој воздржан и дисциплиниран човек наоѓал во истражувањето во радоста на откривањето. РАДОСТ НА НАУЧНОТО ОТКРИВАЊЕ - Мислам дека не постои восхитување кое може да помине низ човековата душа слична на она што научникот го чувствува кога ќе види дека творбата на неговиот мозок се претвора во успех...Таквите чувства го тераат човек да заборави на храна, сон, пријатели, љубов - се - зборуваше Тесла. Големиот научник успеа со силата на железната волја да направи од себе робот и својата енергија да ја подреди на една единствена цел - творечката работа. Аскетизмот на Тесла е видлив во неговиот однос кон жените. Тесла, тврди О\'Нил, ја избриша љубовта од својот живот, дури и жената ја избриша од своите мисли. ОДРЕКУВАЊЕ ОД БРАКОТ Во едно интервју, на прашањето дали уметниците и научниците треба да се женат, Тесла вели : Уметникот, да; музичарот, да; научникот, не. Првите двајца мораат да добиваат инспирација од женското влијание и до фините достигнувања да дојдат водени од љубовта, но природата на научникот е со толку диво, страстно во себе, така што предавајќи и се на жената која ја сака, би предал се и ништо не би му останало за избраното поле. Не верувам дека можете да наведете многу големи научници кои биле оженети - рекол Тесла. Тој додал дека и тоа е штета бидејќи понекогаш сме така осамени. Таткото на современата електротехника и роботика имал огромна верба во моќта на логосот и техниката. Тој во себе носел просветителско убедување дека со напредокот на знаењето човекот незадржливо се движи кон благосостојба, материјална и духовна. СКРИЕНИ ЦРТИ: СКЛОНОСТ КОН МИСТИКА И НАРЦИЗАМ Овој голем рационалист бил истовремено подложен на парапсихолошки доживувања, визии и мистични состојби. Сепак, ниту е ретко, ниту необично токму оние кои го пренагласуваат значењето на разумот, длабоко во несвесното да кријат потиснати склоности кон мистични и култни појави. Под Теслината впечатлива скромност и аскетизам се крие нарцисоидноста, која е забележителна во неговиот напор своите големи откритија да ги направи пристапни до јавноста на доста ефектен, а често и сензационален, шокантетн начин на кој ја фасцинирал публиката. Да се потсетиме на познатите пози на фотографиите на Тесла, на кои големиот научник седи и чита во лабораторија осветлена со мистичен блесок од сноп на вештачки молњи. ПРОБЛЕМОТ СО НЕУРОЗАТА НА ТЕСЛА Неспорно е дека Тесла имал разноврсни фобии (претереан страв од нечистотија и зарази), аверзија (кон дебели жени, обетки, бисери, коса), како и работи како миење раце и броење. И покрај неуротичните симптоми, за Тесла не може да се тврди дека бил неуротичен. Неурозата подразбира по дефиниција, слабост на функцијата на егото, неспособност на мисловната концентрација, отежнато расудување, проблем во одлучувањето, како и непособност за добро извршување на професионалната дејност. Големиот научник, неспорно, имал извесни неуротични црти (претерана уредност и чистота, тврдоглавност, самодисциплина), но не бил неуротичен. Доказ за тоа е неговата необична работна енергија и исклучително плодна научна дејност. И на крај, Тесла, никогаш не се пожалили дека му е потребна помош на психијатар. Според тоа, Тесла не бил неуротичар туку имал опсесивна структура на карактерот. Тој своите опсесивни реакции успеал да ги совлада и вклопи во структурата на личноста, така што дури и му помагале во творењето.

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »