речник контакт

Маалските продавници го опустија велешкиот пазар

Велешкиот пазар никогаш попуст и празен како годинава

Петар Печков

Велешкиот пазар никогаш попуст и празен како годинава, се помалку продавачи ни купувачи. Веќе во 11 часот повеќето од продавачите си заминуваат дома и ја нема вообичаената пазарџиска врева од ценкањето со муштериите. Пазарџиите се жалат на малиот промет бидејќи купувачите им ги земаат маалските зарзаватчилници и колонијали. Ниската куповна моќ резултира со многу празни тезги на Градскиот пазар и негово рано затворање. И муштериите и продавачите се согласни дека пазарот ја губи неговата функција.
 
- Повеќе не нудам земјоделски производи на пазар, доаѓаат од нива ги земаат, така што не мора за малку повисока цена цел ден да бидам на пазар. Потоа и малку се купува на тезга, вака се е решено наеднаш. Луѓето се навикнаа да купуваат во продавниците што во градот ги има на секој чекор - вели Слободан Николов, пазарџија, кој своите земјоделски производи до неодамна ги нудеше на велешкиот пазар, но повеќе не доаѓа. Како него има многу други производители, кои го напуштија пазарот. Купувачите велат дека пазарењето никогаш не било поскапо од годинава.

- Се поретко одам на пазар, бидејќи овошје и зеленчук безмалку за иста цена можам да купам во блиските маалски продавници. До пазар ќе морам и такси да платам. Годинава е многу жешко, не можам на високи температури да се движам. Цените се високи така што се снабдувам од блиските продавници - вели Милан Димов. На пазарот ги нема продавачите од другите градови во земјава, сега тој целосно се снабдува од земјоделците од Велешко.

- Годинава имаме закупени тезги помалку дури за 40 отсто, најмногу отсуствуваат производителите, а препродавачите на овошје и зеленчук како и продавачите на текстил се тука. За жал, морам да констатирам дека функцијата на пазарот во градот изумира, ваква состојба на пазарот во Велес не се памети - вели Љупче Лазевски, раководител на „Пазари“ при ЈКП „Дервен“.Според него, причина за вака драстично намалениот број на пазарџиите е директниот откуп на земјоделските производи од нива, климатските услови, сушата и малиот род.

Од 360 тезги со колку располага Градскиот пазар во Велес, летово се издадени само 200, а другите се празни. Тука одамна ги нема продавачите од Прилеп, Радовиш, Струмица, а од годинава ги нема ниту селаните од Градско, Караслари, Сујаклари, Росоман и од Отовица, кои градот го снабдуваа со храна. Тоа резултира со празни тезги, високи цени и со незадоволни граѓани.

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »