речник контакт

Македонец менаџира девет ресторани на најголемиот брод на светот

Многумина од младите од градов заминуваат да работат на брод. Ова е успешна приказна за еден македонец (не велешанец), кој работи на најголемиот брод на светот

Петар Печков

Виктор Настески веќе единаесет години го обиколува светот работејќи на луксузни крстосувачи. Својата кариера на брод ја започнал работејќи на најниските позиции во кујна, па се до својата актуелна позиција на executive chef на најголемиот брод  на светот Allyre of the Seas. Неговата позиција го прави Виктор одговорен за повеќе ресторани, како и претпоставен на оние шефови на кујна, чија одговорност е само еден ресторан.

Тој е единствениот Македонец кој успеал да дојде до оваа позиција која подразбира и офицерски чин. Офицерскиот чин, пак, подразбира дека освен што е одговорен за 9 од 25 ресторани колку што вкупно ги има на овој брод, поминал и  обука со која е оспособен, во случај на некоја несреќа (судар со друг брод или пожар на бродот), да помага во евакуацијата на вработените и гостите.

За да стигне до оваа позиција, вели тој, му биле потребни четири години, што е многу краток период за еден професионален готвач од Македонија. Имено, Виктор вели дека тоа многу полесно им поаѓа од рака, на пример, на Французите, Англичаните или Германците, и тоа не затоа што се подобри готвачи.

- Кога ја добив оваа позиција и тоа на најголемиот брод на светот, а особено кога првпат стапнав на овој навистина грандиозен објект, од една страна, ми беше страв дали ќе ме прифатат како што треба бидејќи сум од Македонија, што е навистина единствен случај досега. На бродовите имаме бар-менаџери, имаме ресторан-менаџери, но немаме Македонци - шефови на кујна. Затоа, од друга страна, ми беше предизвик да видам дали можам и колку можам да успеам. Кога се качив на бродот имав што да видам-тоа е буквално како еден град на вода кој собира околу 6.400 гости и 2.400 вработени. За да ви илустрирам за што станува збор, ќе ви кажам дека бродот има 18 спрата, шопинг центри, 25 ресторани, парк со пешачки патеки, два театри, лизгалиште, можност за сурфање на бранови, неколку базени, скокалници, карпи за качување, итн... Едноставно, бродот е најголемото нешто што можете да го замислите и е навистина фантастичен. Сепак, на почетокот менаџментот на бродот беше сомничав во однос на мене и кога ќе слушнеа од каде сум на лицата едноставно можеше да им се прочита недоумица: executive chef from Macedonia?! Хммммм!

Некои од нив не ни знаеја каде е Македонија, така што слободно можам да кажам дека сум вистински амбасадор на мојата земја и луѓето дознаваат преку мене каде е и која е Македонија. Откако поминаа неколку недели и тие се уверија дека навистина сум добар во тоа што го работам, добро ме прифатија. Мојата упорност и знаењето ме направија тоа што сум сега, а јас научив дека ако нешто посакуваш тогаш мора да се бориш и да бидеш упорен и истраен во тоа, тврди Виктор.

Почеток на приказната

Неговата приказна и неговите патешествија на бродовите започнуваат во 2001 година. Причината поради која решил да замине на брод била тоа што сакал да и помогне финансиски на својата самохрана мајка, но и да го усоврши занаетот и патем да го прошета светот. Дотогаш работел како готвач во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје. Еден ден отишол во агенцијата „Мајами“ која работи со бродските компании, пополнил апликација која тогаш чинела 500 денари и се пријавил на интервју. Веќе следниот ден по интервјуто му јавиле дека е примен, а точно два ипол месеци по интервјуто веќе требало да лета за Мајами како член на посадата на Celebrits Cruine Line. Бил примен на најниската позиција во кујна, како помошник на помошникот готвач, и ги извршувал најтешките работи. Дента кога тргнал на своето прво патување, бил многу носталгичен, но решен да успее.

- Кога слетав во Мајами и излегов од аеродромот ме удри еден таков топлотен бран што за малку ќе се онесвестев. Ме пречекаа на аеродром од компанијата, ме пикнаа во едно комбе и се возевме околу 1 час додека да стигнеме на бродот. Се качив на него и од тој ден почна мојот бродски живот. Како прво, требаше да се навикнам на движењето на бродот и првите две недели беа најтешките во мојот живот. Сега, да ми платат и милион долари, никогаш не би можел повторно да минам низ истото. Значи, првите две недели имав морска болест. Постојано ми се лошеше и постојано се прашував кој ѓавол ме натера да го направам ова. Исто така, необично во оваа работа е и тоа што се работи со луѓе кои првпат ги гледаш во животот и се од различна националност, раса и вера. Се сеќавам дека делев кабина со тројца Индијци и искрено, бев готов да дадам отказ и да се вратам дома, раскажува Виктор.

Сепак, неговата упорност и решителност не му го дозволиле тоа. Од друга страна, сите пари што дотогаш ги имал заработено, околу 1.500 тогашни марки, заработени за четири години работа во „Холидеј ин“, ги дал за да купи авионска карта, да ја плати провизијата на агенцијата и слично. Па така, решил да остане и барем да ги врати потрошените пари, а потоа да си оди. Тогаш платата му била 650 долари месечно, па и немало некоја голема разлика од тоа што го заработувал дома. Пресметал дека за да ги врати парите ќе мора да издржи барем два месеца. Според договорот, пак, требало да остане 10 месеци, без ниту еден слободен ден и 12 до 14 работни часови дневно.

- Во тој период прекувремената работа не се плаќаше, па тоа беше вистинска експлоатација. Искрено, беше многу тешко и речиси неиздржливо, а јас бев единствениот од Македонија кој работеше во кујна. Сите други работеа во ресторани или во барови, а мене немаше кој да ми каже дека сум се пријавил за најтешката работа. За време на мојот прв договор се случија многу нешта, меѓу другото и нападите на кулите близначки во Њујорк, на 11 септември. Тогаш многу бродски компании пропаднаа, но не и онаа за која работев јас. Меѓутоа, ни беа скратени по два месеца од договорите, ја продолжува својата приказна Виктор.

Дискриминација на национална основа

Иако бил школуван готвач со четиригодишно искуство, цело време останал на најниската позиција што ја добил само затоа што бил од Македонија.

- Да, во тоа време имаше голема дискриминација, а ја има и денес, иако не во толкава мера. Тешко ми беше да гледам како Французите, Германците, Англичаните и други, добиваа подобри позиции. И покрај тоа што немаа познавање од готвење, тие добиваа високи позиции. Сепак, не се откажав и токму тоа ми даде елан да им докажам дека сум подобар од нив. Си зададов за цел да станам шеф. Кога успеав во тоа, по цели четири години, разликата беше огромна. Добив многу поголеми привилегии, а една од најдобрите беше тоа што никогаш повеќе не морав да ја делам кабината со никого, се смее тој.

Оттогаш животот му станал многу полесен и порелаксиран. За жал, една година подоцна се повредил и морал да замине дома, на боледување кое траело четири месеци. По завршувањето на процесот на заздравување, компанијата одбила да го прими назад. Иако бил многу разочаран, не се откажал, туку почнал да бара работа во други компании. Набрзо прифатил една понуда и се вратил повторно на брод, по пет месеци пауза. Почнал да работи за компанијата Seven Seas Reggent cruise line која располагала со три брода со капацитет за 650 гости, всушност, релативно мали бродови во споредба со оние на претходната компанија која имала бродови со капацитет од  2.500 гости. Почнал да работи за оваа компанија, во францускиот ресторан со шест ѕвезди, Gordon Blue, воедно и едно од најпознатите француски училишта низ светот.

- Секој шеф на кујна знае за тоа училиште кое имаше свој ресторан на бродот и за него бев одговорен токму јас. Тоа беше голема привилегија за мене, а работејќи таму научив многу за француската кујна и за виното. Останав на оваа позиција три ипол години, период во кој стекнав огромно искуство и знаење, а во исто време успеав да го прошетам целиот свет затоа што мојот брод имаше крстарења буквално насекаде низ светот. Понекогаш  тргнуваше од Мајами, понекогаш од Лос Анџелес и патуваше три ипол месеци до безброј прекрасни дестинации. Во тој период успеав да стапнам на сите континенти и бев на места за кои порано можев само да сонувам. Патувањата и можноста да посетиш многу убави места е и она поради кое вреди да се издржи се, вели Виктор.

Како обичен готвач немал многу време да шета низ местата на кои се вкотвувал бродот, но затоа подоцна, откако станал шеф, ја имал оваа привилегија. Патувајќи низ светот видел локации кои претходно можел да ги гледа само на интернет и да воздивнува во себе. Сонот му се остварил кога успеал да ги посети неговите најомилени места. Како прво, прекрасните острови Бора Бора, Хаваи и Тахити. Ги прошетал и цела Африка, Австралија и Нов Зеланд, голем дел од Азија (Кина, Јапонија, Индонезија, Тајланд, Филипини, итн...). Особено му се допаднала Азија, тамошната култура и храната, која, вели тој, е едноставно прекрасна. Ги прошетал и Блискиот исток и Арабија, Египет, цела Европа и Медитеранот, Скандинавските земји, Норвешка, Холандија, Данска, Јужна Америка, Северна Америка, ... Во САД еден од најомилените градови му е Мајами, но и Лос Анџелес, Сан Франциско, Њујорк,...

Токму благодарение на својата работа на брод, запознал и многу луѓе и стекнал многу пријатели. Сега има другари низ целиот свет. Тажно е, вели тој, што честопати луѓето со кои работиш на ист брод со месеци, година или две, можеби нема да ги видиш никогаш повеќе. Исто така, патувањата му ја овозможиле и најчудесната и најубавата работа што можела да му се случи-ја запознал својата сестра по татко која веќе неколку години живее во Ванкувер.

Трогателна средба

Во Скопје Виктор живеел со мајка си, очувот и братот, а кога мајка му и очувот се развеле, тие тројца сами го продолжиле својот тежок живот. Тогаш Виктор имал околу осум години и првпат слушнал за своите брат и сестра по татко. Иако воспоставил контакт со сестра си по телефон пред повеќе години, никогаш не се сретнале. Но, кога по многу години сосема случајно дознал дека таа живее во Ванкувер каде што требало да вплови неговиот брод на пат кон Алјаска, веднаш се вклучил на фејсбук и ја побарал.

- Не бев сигурен како таа ќе реагира по толку време, но сепак и испратив порака. Се договоривме да се сретнеме и можам да кажам дека тоа беше најневеројатната и најемотивната работа што ми се случила дотогаш. Имавме само неколку часа, но за тоа време си кажавме навистина многу работи. Како да се знаеме отсекогаш. Се разбира, таа веднаш му кажала на нашиот брат Зоки за мене, па и тој ме исконтактира на фејсбук. По две недели се видов со сестра ми уште еднаш. Ми беше жал кога се разделувавме, но со оглед на тоа што следната дестинација ми беше одморот во Скопје, и конечно, средбата со Зоки, имав доволно добар мотив да не паднам во депресија-половина на шега, а половина сериозно, вели Виктор.

Голф, лизгање, сурфање,..и сето тоа - на брод

На својата сегашна позиција Виктор има многу повеќе време за прошетки кога бродот ќе се вкотви во некое пристаниште, но и многу повеќе време за одмор и забава за време на пловидбата.

- Сега, како executive chef, имам повеќе време за уживање. На бродот имаме лизгалиште, можност за сурфање на бранови, игралишта за фудбал и за кошарка, терени за голф, а неодамна учествував и на трка на 5 километри што се одржа во Јамајка и беше во живо пренесувана на телевизијата ЕСПН (спортски канал во САД). Јас носев дрес од нашата ракометна репрезентација и шал од Македонија. Токму дресовите се она што решив да го купувам од секоја земја што ќе ја посетам, како спомен. Некои луѓе собираат магнети, некои таксени марки, некои пари, итн. Јас размислував и одлучив да собирам фудбалски дресови. Досега имам преку 40 дресови од повеќе фудбалски клубови низ целиот свет. Освен што играм кошарка и фудбал, играм и пинг-понг, пливам и вежбам во теретана за да останам во добра форма затоа што во кујна, покрај толку многу храна, навистина е тешко да се одржи добра линија, се смее тој.

Сепак, една од лошите страни на оваа професија, вели Виктор, е одвоеноста од саканите. Тој и неговата девојка со нетрпение ја очекуваат нивната повторна средба. Но, засега, смета, со оглед на заработувачката, немаат друга алтернатива.

- Не е решение целиот живот да одам по бродови и свесен сум дека еден ден ќе треба да создадам свое семејство и да почнам нормален живот. Инаку, со мојата заработувачка изградив куќа во Визбегово и кога сум во Скопје, живеам таму. Се надевам дека во меѓувреме кај нас ќе се подобрат условите за работа. Искрено, се обидов одреден период да останам и да заработувам дома, во Македонија, но се разочарав кога менијата што ги креирав за неколку наши ресторани кои беа многу поразлични од тоа што обично се нуди кај нас не беа баш добро прифатени, а уште помалку беа платени. Исто така, со оглед на тоа што знам колку чини да се креира мени во некој ресторан каде и да било во светот, мојот обид беше прилично разочарувачки.
Како и да е, една од лекциите на животот што ја научив е дека за да ја постигнеш целта мораш да се бориш и да бидеш позитивен. Сега сум пресреќен со тоа што го имам. Со девојката сме секојдневно во контакт и ги броиме деновите кога повторно ќе се видиме, завршува единствениот Македонец на оваа висока позиција - executive chef на еден толку грандиозен и луксузен брод.

текстот е преземен од МИА

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »