речник контакт

Македонските камени мостови, во делата на ликовниот уметник на Новица Трајковски (фото)

На 30-тина дела претставени се камените мостови во Кратово, Скопје, Тетово, Богомила...

Петар Печков

Вчеравечер во Ликовниот салон во Велес, ликовниот уметник Новица Трајковски ја отвори својата самостојна изложба насловена  ,,Божествен премин,,. Тој како мотив во 30-тина изложени дела, изработени во масло на платно, масло на дрво,  ги користи старите мостови од македонските градови.   

Мостовите не се само тие видливите за нашето око кои  претставуваат премин од едно во друго место, постојат и многу невидливи за окото, но видливи за други сетила кои претставуваат премин, од едно во друго време, од едно во друго размислување, верба, љубов. Љубовта е мост што сите не поврзува со се што не опкружува, љубов која е пред се сплотување на душите, животворна сила - рече Елица Николова, кустос историчар од Народниот музеј во Велес.  

 Присутните можеа да препознаат дека Трајковски на неговите дела ги насликал  старите мостови во Кратово, Богомила, Тетово, Камен мост во Скопје, Бучин- крушевско.  

Изложбата е Македонија во мало. Целата моја инспирација е  мојата земја и целата љубов што ја имам ја истурам врз неа. Се што работиме е премин, од самото раѓање, се натаму е премин. Патувањата, соништата  се исто така премини а за нас сликарите  тие се неисцрпна инспирација - кажа Трајковски. 

Најави дека негова голема инспирација  се старите чешми, на кој ќе им се посвети во наредниот период.На негово барање, изложбата ја отвори градоначалникот Аце Коцевски. Новица Трајковски средно уметничко и ФЛУМ завршува во Скопје во класата на професорите Родољуб Анастасов и Димитар Кондовски. Има остварено над 40 самостојни изложби во земјава и во странство. Член е на ДЛУМ и живее и работи како слободен уметник во родното Илинден.

АНКЕТА »

Дали користите велосипед во Велес?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »