Петар Печков
Објавено: четврток, 11 јуни 2020
Рано утрово мигрант од Пакистан бил прегазен на железничката пруга близу станицата Згрополци. Настанот кој се случил во 3.54ч. го потврдија и од МВР. Локомотивата која возела кон Гевгелија го прегазила несреќниот мигрант кој според машиновозачот спиел на пругата. Со него во групата, имало и три други лица, кои спиеле во шанецот покрај пругата и тие се спасиле, биле неповредени. На лице место интервенирала итната помош.
Повредениот имал скршеници и повреди на левата страна од телото, бил имобилизран и во тешка општа состојба префрлен на хирургија во велешка Болница - информираше др. Страхил Тодоров, портпарол на Здравствен дом Велес.
Утрово донесен е пациент удрен од воз, кој бил во тешка состојба, со бројни повреди. Бил реанимиран но неуспешно, по што е констатирана смрт - изјави др.- Весна Николовска Неделкова, портпарол на Општа Болница Велес.
Железничкиот сообраќај на релацијата Велес - Гевгелија бил во прекин до 06.35 часот заради вршење увид. Во времето на големата бегалска криза 2015-2018-та четириесетина, мигранти беа прегазени по пругата Гевгелија - Скопје.
Tweet |