речник контакт

Монографија за Ганчо Хаџи Панзов од Васил Тоциновски

Васил Тоциновски пишува за малку познати работи за велешанецот кој падна на барикадите борејќи се за слобода на Шпанија. Во прилог и дел од неговата поема ,,Ќе се вратам,, која не остава никого рамнодушен

Петар Печков


Неодамна во издание на „Современост“ од печат излезе книгата „Враќање нема“ од македонскиот писател Васил Тоциновски. Станува збор за монографски труд посветен на животните и творечките врвици на бележитиот револуционер, новинар и публицист, Ганчо Хаџи Панзов.

Низ пет обемни поглавја со архивски истражувања во земјата и во странство, се следи приказната за младиот бунтовник од родниот Велес (1900), дванаесетте години во Париз (1924-1936), до трагичниот погибел во Шпанската граѓанска војна во 1936 година. Во градот на светлината со кој се поврзуваат новинарската и поетската дејност, Хаџи Панзов другарувал и соработувал со многу познати имиња како што се Роже Мартен ди Гар, Анри Барбис, Ромен Ролан, Димитар Влахов, Милан Богдановиќ и др.

Во книгата, Васил Тоциновски нуди и нова непозната епистоларија на Хаџи Панзов, низ која во детали може да се проследи неговиот револуционерен пат на интернационалист. Интересно е и поглавјето „Одгласи“, во кое се проследуваат делата на македонски и на странски писатели во кои младиот велешанец се јавува како книжевен јунак. Од неговото, за жал, малку зачувано поетско творештво, книжевната наука високо ја вреднува поемата „Ќе се вратам“, како ода на вечниот човеков стремеж кон светлината, радоста и убавината.

Ќе се вратам
Во мојата татковина
И таа ќе биде бела и убава
Татковина
Ќе се вратам
И цвеќе најубаво
И венци на човечност ќе носам
Ќе се вратам
Попораснат од вчера
Попораснат за утре

Ќе се вратам
Кога над облаци нема да врескаат птици
и нема да плачат деца и старци
и нема да плачат братчиња изгладнети
и нема да плачат мајки
ослепени од болка
за синови и ќерки по затвори.

Ќе се вратам
вооружен со храброст човечна
со храброст на денот
со храброст на човечноста и омразата
за тие што ги огладнеа луѓето
ќе се вратам за гладните и онеправданите
за голите и босите
мои браќа

Ќе се вратам
за потните чела
и за плуските крвави
и за раните на рацете
и за тие што ги гуши незапирната болка
и за тие што сакаат леб и слобода

Ќе се вратам
кога ќе немеат болките
и срцата радосни
ќе пеат химни за човекот
за човекот во светот
ќе се вратам...

АНКЕТА »

Дали летово планирате да одите на одмор и ако одите каде?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »