речник контакт

Монтажното училиште во Иванковци предадено во употреба

Пуштена во употреба новата училишна зграда на ООУ „Стојан Бурчевски-Буридан‘‘ во велешкото село Иванковци, инвестиција од три милиони денари

Петар Печков

 Министерот за образование Панче Кралев, вицепремиерот Владимир Пешевски и градоначалникот на Општина Велес Горан Петров свечено  ја пуштија во употреба новата училишна зграда на ООУ „Стојан Бурчевски-Буридан‘‘ во велешкото село Иванковци.

Во новото училиште, со четири училници, две канцеларии и современо опремени тоалети, ќе се школуваат 70 ученици од прво до осмо одделение, со десетина наставници и друг кадар.

Министерот за образование Кралев во своето обраќање до присутните на свеченоста вети дека ќе се овозможи и доградба на спортска сала и други простории, како и набавка на неопходната училишна опрема.

Согласно потребите кои ќе бидат утврдени во селото Иванковци, за одвивање на наставата од прво до осмо  одделение, ќе направиме проценка, дали во блиска иднина  е потребно да се започне со изградба на нова училишна зграда со поголеми димензии - рече министерот Кралев. претходно, при најавата за изградба на опожарената зграда, беше најавено дека освен монтажната ќе се започне со изградба и на зграда од цврст материјал.

Градоначалникот Петров најави уредување на училишниот двор. Градската библиотека „Гоце Делчев‘‘ од Велес и некои од велешките училишта на ова училиште му подарија дел од своите книги и лектири за опремување на училишната библиотека.

Новата  зграда е лоцирана во близина на старата, која целосно беше опожарена на 15. јуни годинава. Полицијата неодмана прв пат јавно ги изнесе причините, пренапон на електричната енергија во кабинетот за информатика, како резултат на претходен прекин на струјата.

Монтажно училиште, изградено во рок од три месеци, вредно три милиони денари, е  финансирано главно од буџетот на Владата на Република Македонија, а во дел и од буџетот на Општина Велес.

АНКЕТА »

Каде одмарате летово?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »