речник контакт

Мостовите на Врановска река и Тополка (фото)

За културното наследство, неистражено и непознато

Петар Печков

По течението на реките Тополка и Врановска има шест моста. Тие се во близина на селата Лисиче и Горно Врановци велешко, во пазувите на планината Јакупица. Не е познато кога се изградени, нема документација, ниту пишан збор, туку  за нивното минато се прераскажува меѓу месното население.

Селаните се гордеат со овие камени градби, кои им одолеале на годините и (не)времето бидејќи се дел од културното наследство. Сите се сводови градби, без држачи и во еден лак ја преминуваат реката.  Најголем од сите е Чемерен мост, на Тополка, во месност Бурнутица, на еден км од селото Лисиче и на два километри од езерото Лисиче. 

Овој мост е од турско. Служел на мештаните за направо одење кон Велес,  да  не вртат многу. Памтам како дете дека тука кај мостот ги пречекувавме нашите кога се враќаа од Велес од пазар. Бевме радосни оти секогаш нешто ни носеа, нешто што ни купиле од градот. Бил крвоток за сите мештани од селата од околина Јаболчиште, Врановци. Мештаните оделе по овој пат и мост преку рид  до Горно Оризари и Отиштино  и потоа Велес. Тој  бил за  одење натпревар, се сечела планината преку срт, не по овој сега асфалтираниот, оти така е многу далеку   - објаснува Живко Ѓоргиев од селото  Лисиче.

Се сеќава како дете, кога во 50-тите години, врановчани рано наутро, в недела оделе на пазар во Велес. Како далечни точки, светеле нивните фенери, додека уште во ноќта или мугрите, натоварените коњи  ги воделе по пат и преку мостот Чемерен. Тој според преданијата е стар најмалку два века, но е во одлична состојба.

 Во калта од обилниот дожд, при посетата беа видливи трагите на некое превозно средство кое тука минало, во ова беспаќе. Помлад мештан од селото Лисиче кој се претстави како Горан, објасни дека преку викенд тука често минувала група на мотористи, кои возеле на снажни мотори, кои се користеле за по ваков  макадам пат. Неколку километри повисоко од мостот кај Лисиче, во историското село Горно Врановци се наоѓаат  пет вакви камени моста на       Врановска река.

Сите овие мостови служеле  за полесно поврзување на овдешните села. Постојните се на трасата од патот кој водел до селото Бистрица. И тој  бил преку планина,  преку сртот, но изграден од камен, калдрма.  Селото имало многу народ во 1944-та броело 4 илјада жители, претежно  Торбеши. Имаше и хидроцентрала се до шеесет и некоја. Имаше и многу  воденици на реката. До пред десетина години реката беше преполна со пастрмка, сега ја нема   - објаснува Енвер Максудов.

Тој е вработен како чувар на петте спомен куќи во селото, сопственост на Народниот музеј. Мостовите на овие две реки се малку познати моменти од поблиското  минато,  дел  од велешкото културно историско богатство и наследство. Тие зборуваат за моќта на тамошното население низ вековите.

 Нема документи кога се настанати, изградени се според преданијата  од турско, но не и познат  векот. Колку се квалитетно изградени зборува тоа што и покрај моќта на реките, кои знаат да надојдат во пролет и носат вода од огромната планина, мостовите се истите како и пред стотини години.   

Потребно е сите овие шест моста  да се евидентираат, да се одбележат, оти се значајни. Толку убави градби  кои одолеале на времето, на годините,  треба што повеќе  луѓе да ги видат, да разберат за нив - велат жителите на ова подрачје. Слечен ваков мост има и во селото Бистрица, кое е од другата страна на  планината. 

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »