речник контакт

Наградата ,,Петре Прличко,, за Борис Чоревски

Признанието му се доделува за неговата блескава актерска кариера и долгогодишно творештво, кое го сместува во еден од водечките актери во земјава.

Петар Печков

 Борис Чоревски актер на Народниот театар од Битола е годинашниот добитник на наградата за животно дело ,,Петре Прличко,,. Ова признание му се доделува  за ,,неговата блескава актерска кариера и долгогодишно творештво, кое го сместува во еден од водечките актери во земјава,, пишува во соопштението на жирито. Тој во неговиот педесет годишен актерски ангажман има одиграно 150 ролји.

 Чоревски е драмски уметник со изграден и дефиниран творечки потенцијал, студиозност во обликувањето на ликовите, за кои не постојат никакви тајни  во актерската игра. Тој е подеднакво супериорен во настапите во театарот, телевизијата и на филмот. Секое негово  остварување е синоним на голем занает и исклучителен талент – рече Слободанка Чичевска член на жирито, во кое беа и Васил Зафирчев и Зоран Љутков.

Чоревски е препознатлив по улогите во делата на Горан Стефановски, Петре М. Андреевски, Дејан Дуковски но и светските класици Шекспир, Чехов, Горки. Бројни се наградите кои Борис Чоревски ги има добиено во земјава, за неговите остварени ролји. Тој неговата актерска игра ја започнал на десетгодишна возраст, пред се благодарејќи на велешанецот Владимир  Гравчевски, кој го ,,заразил што и до денес не може да се излекува,,.

Секоја награда за секој актер е сатисфакција за неговиот вложен труд и тоа што го работи. Ова награда ми значи, бидејќи доаѓа пред заминување во пензија. Пресреќен сум, што  наградата го носи името на мојот кум Петре Прличко, во чиј патувачки театар мојот  татко Трајко започнувал да работи, Ме нема на телевизија, бидејќи актерите од внатрешноста помалку ги канат да снимаат, најверојатно поради рационално трошење на буџетот. А имаме и мала продукција. Посакувам новите генерации да имаат подобри услови – рече Чоревски. 

Наградата ќе му биде врачена на 9-ти Ноември на Денот на општината Велес а во негова чест велешкиот театар ќе ја изведе претставата ,,Треперења,,. Наградата  ,,Петре Прличко,, заеднички ја доделуваат велешкиот театар,  здружението на театарските работници ,,Џинот,,  и општина Велес. Досега оваа награда ја добија   Благоја Спирковски Џумерко, Емил Рубен, Петар Мирчевски и братот на Чоревски, Благоја.

АНКЕТА »

Како да се надмине состојбата со големиот број заразени лица, позитивни на ковид-19?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »