речник контакт

Најлуди сообраќајни прописи на светот

Меѓу необичните правила во сообраќајот има и такви кои порано можеби и имале смисла, но во меѓувреме застареле. Има и такви за кои едноставно е неверојатно дека некој воопшто ги измислил, но и такви кои не се толку бесмислени, колку што се невообичаени

Петар Печков

Хафингтон пост состави листа на некои од најнеобичните сообраќајни прописи собрани од земји во светот.

На пример во Велика Британија се уште постои правилото според кое возач на такси возило во Лондон мора со себе да носи бала сено и торба во која се наоѓа овес. Овој многу застарен пропис датира од периодот на појавата на моторните возила, кога превозот на патниците се одвивал во кочии кои ги влечеле коњи.

Данските возачи пред да седнат во возилото да возат, имаат обврска да погледнат под него, за да проверат да не се наоѓа случајно некое лице. На Кипар постои пропис кој можеби и не е толку невообичаен од безбедносна гледна точка, но е специфичен за таа земја. Имено, на тамошните возачи не им е дозволено да конзумираат  каква било храна или пијалок додека го возат возилото, а тоа се однесува и на вода.

Автомобилите во Луксембург задолжително мора да имаат бришачи на ветробранското стакло, дури и ако самото стакло воопшто не постои на возилото. Законот во Русија предвидува казна за возач ако вози нечист автомобил. Не е прецизирано колку возилото мора да биде нечисто за да се изрече казна.

Во Германија е забрането да се остане без гориво на автопат, а шпанските возачи кои имаат проблем со видот, мора во автомобилот да имаат и резервни очила, покрај тие кои веќе ги имаат на себе.

Во некои градови во Шпанија донесени се специфични закони за паркирање на автомобилите. Имено, предвидено е дека возилата смеат да се паркираат на непарни датуми само на таа страна на улицата на која се наоѓаат непарни домашни броеви.

Возач во Естонија како задолжителна опрема мора да има два клинести парчиња дрво, за да ги потпрат под тркалата и да спречат несакано движење на автомобилот во случај на дефект, додека во Франција од возачот се бара да поседува алкометар во автомобилот.

На Филипините во понеделник не е дозволено да се возат автомобили чии регистерски таблици завршуваат со броевите 1 и 2. Овој закон постои и во некои други земји како Кина, кои се обидуваат да го спречат застојот во сообраќајот во големите градови. И во поранешна Југославија во 80-тите години од 20 век се применуваше слично правило пар – непар, од економски причини да се намали користењето на приватните автомобили и потрошувачката на горивото.

Јапонија воведе интересен закон за да ги заштити пешаците од немарни возачи, кои е невообичаен, но секако примерен. Имено, возач ќе плати казна во висина од околу 50 евра ако по дожд со автомобилот помине низ вир и притоа испрска пешак на тротоарот.

Познато е дека САД имаат некои од најбесмислените и најзастарените локални закони воопшто, па така ни сообраќајните прописи не се исклучок.

На пример, во Алабама е дозволено да се вози по еднонасочна улица во спротивна насока, ако на предниот дел на возилото се наоѓа фенер (!?). Во таа сојузна држава постои и закон кој забранува на возач да управува со возилото со превез преку очите.

На возачите на сосема спротивниот крај во САД во Аљаска, забрането им е на покривот на автомобилот да возат заврзан пес.

Колку да звучи тоа бесмислено, законодавецот во Калифорнија предвидел забрана за скокање од автомобил при брзини од 65 милји на час околу 105 км на час, а на жените во таа сојузна држава им е забрането да управуваат со автомобил во фустан кој се носи по дома.

Во Сан Франциско не е дозволено да се чисти и мие автомобил со помош на стара долна облека.
Тенеси и Калифорнија имаат слични, невообичаени прописи кога станува збор за огнено оружје и автомобилите. На возачите во тие две држави им е забрането да пукаат на животни од автомобил во движење.

Не се знае како законодавецот во Флорида дошол до формулацијата за следниот закон кој гласи: Ако слонот е приврзан за паркинг-час, неговиот сопственик е должен да плати паркинг и за него. Во местото Сарасота, исто така во Флорида, казната за удирање на пешак со автомобил чини 78 долари.

Во градот Мариета во Џорџија, не е дозволено да се плука од автомобил или автобус, но е дозволено од камион, додека во Масачусетс ќе ве казнат ако на задното седиште возите горило. Кога сме веќе кај животните, во Невада е забрането да се јава камила по автопат.

Не знаеме дали полицијата навистина запира и казнува возачи кои во Денвер во Колорадо во недела возат црни автомобили, но таквиот закон се уште е во сила. Иако возејќи велосипед не е лесно да се постигне брзина од 65 милји на час, во Конектикат велосипедист ќе биде казнет поради пребрзо возење ако ја надмине оваа брзина.

Во Монтана која е позната по сточарство, забрането е да се остави овца без надзор во кабина на камион.
Ако се суди според застарените сообраќајни прописи, правата на жена возач и понатаму се загрозени во некои делови на САД. Во Њу Орлеанс и во Мемфис постои закон кој ако жена вози автомобил задолжително пред неа мора да вози маж со истакнато црвено знаме во знак на предупредување.

Од друга страна, законот ги заштитува тие кои делат правда во сообраќајот, па така во Њу Џерси е забрането да се намрштите на полицаец ако ве запре на пат.

текстот е преземен од Хафингтон пост

АНКЕТА »

Дали честите акциски контроли на сообраќајната полиција, изминатите два месеци, воведоа ред во однесувањето на возачите и пешаците?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »