речник контакт

На Којник дуќан да имам, за меанчето на Нато

Како постанала народната песна, која го опеа Којник, по раскажувањето на Никифор Смилевски

Петар Печков

Бекчијата удри со стапот 12 пати на дрвото кај фурната на Којник, означи дека е полноќ, а со тоа и дека му завршила ноќната смена. Одекот на ударите го проследи шумолењето на стариот јавор, што одново беше разлистил по зимата, која на велешани им беше долга не само по студот, туку и по немаштијата, што се беше надвисила над многу семејства.

Сите како да чекаа што побргу да мине најстуденото годишно време за да стоплат коски и да заработат по некоја паричка од аргатлакот по нивите. Во осумдесеттите години на 19 век Турција се подготвуваше за војни. Во вакви околности се знаеше дека на цена ќе бидат житата и афионот, па затоа снаодливите чорбаџии ги насејуваа своите ниви со тие култури. Посебно на цена беше афионот, кој во големи количини се откупуваше за аскерот. На војниците им се даваше како стимулативно средство, за да не размислуваат за своите семејства, туку бестрашно да се борат за султанот.

За велешкиот афион и за оној од Повардарјето се знаеше дека е меѓу најквалитетните. Затоа нестрпливо се чекаше да дојде пролетта. Преку зимата афионот беше сосема малку замрзнат, па затоа и чорбаџиите и сиромасите подеднакво очекуваа да дојде времето за прашење на афионот.

Откако го навади младото јаворче, што го искорна кај манастирот „Свети Димитрија“ и го насади кај стариот јавор на Којник Нато се упати кон своето меанче. Беше подранил, како и секое утро, за да биде подготвен да ги пречека и да ги испрати аргатите. Неговото меанче претставуваше вистинска „берза“ на работната рака. Така, уште во рани зори доаѓаа аргатите од Којник, од Мегдан па и од селата. Најмногу ги имаше од блиската месност Бузаана, каде што живееја најсиромашните.

Нато за секого имаше добар збор, па и затоа беше омилен. Беше дојден од село, но со својата работливост и досетливост го прифатија еснафите и чорбаџиите од Којник и од градот. Кога немаше многу работа ќе отидеше кај фурната, која претставуваше собиралиште на којничани и ќе почнеше да говори за своите доживувања. Тогаш престануваа другите разговори. А Нато зборуваше толку убаво што сите со интересирање го слушаа. Заради убавото прикажување го нарекоа Нато Кралот бидејќи кралевите, како што расудуваа којничани, убаво зборувале.

Кралското раскажување на Нато му носеше муштерии во меанчето. Многумина, пак, бараа помош препорака како да бидат земени од чорбаџиите. Затоа не ретко се случуваше да затропа портата, само по малку време по ударите на бекчијата. Иако изморен, прекинат во сонот Нате го советуваше неочекуваниот дојденец кога да побара работа и кој чорбаџија плаќа поголема надница. Потоа ќе се вратеше во одајчето над меанчето, во која спиеја жена му и четирите ќерки. Полека ќе се вовлечеше во постелата, за да дремне до првите мугри.

Пред да светне денот, околу Натевото дуќанче се собираше цела сурија аргати. Ги имаше повеќе. Мажи, жени, девојки. Тогаш доаѓаа чорбаџиите. Се пазареа околу изборот на аргатите. Притоа доаѓаше до израз нивната меѓусебна нетрпеливост. Тогаш кога ќе ги фатеше самољубивоста и ривалството, ќе излезеше понекој аир (корист) за сиромасите.

Така Петре Витанчето, еден од најбогатите чорбаџии, производител и накупец на афион, за да покаже дека со парите може да постигне се што сака, објави пред Натевото дуќанче дека на младите невести и на момите ќе им плати по уште половина надница повеќе ако дојдат да работат на неговите ниви. Кон неговата страна веднаш пријдоа момите и невестите. Од спротивната страна останаа постарите жени, околу чорбаџијата Јован Спасев, кој не беше толку имотен како Витанчето. Иако плати повеќе од својот конкурент, богатиот итрец Петре Витанчето не загуи многу. Младите аргатки испрашија повеќе афион, а згора на тоа пукна и песна. Потоа кога аргатите тргнуваа надолу од Којник кон велешките ниви ги придружуваше песната. Се пееше кога се одеше на второто прашење, на сечењето на чушките на афионот, или пак, при бербата. Денес од времето на афионските аргати велешките чорбаџи и Натевото дуќанче остана песната „На Којник дуќан да имам“ и столетниот јавор на Нато – Кралот. Тука е местото и на Натевото дуќанче. Таму каде што било меанчето на Кралот се наоѓа еднокатна жолта куќа во која живееше Натевата ќерка Невена заедно со синот, со снаата, со внуците...

За своите деведсесетина години, одлично изгледаше и претставуваше вистински времеполов на едно минато време, време што се доловува во песните, време далечно, што ни го доближи Невена Натева која од својот татко доста наследила од „кралското“ раскажување.

Кога ќе ја слушнеше песната за момите којнички и бузанчанки и за Натевото дуќанче велеше дека срцето и е полно и дека покрај староста, сака да загра. Тие што ја познаваа, не се изненадуваа бидејќи беше позната играорка која за играта имала вергам (дарба). Не потсетуваше на времето на комитите, на Дачо, војводата од Војница, на пренесувањето на оружјето, на Балканските и на светските војни, на интернирањето на мажот, на тешкиот живот на слободата. Притоа говорејќи ќе речеше: „Векот е лажовит. Затоа треба да минеш убаво со секого, да не бидеш лош и кодош, туку да те прашуваат, поздравуваат, да не те забораваат“.

Од книгата „На Којник дуќан да имам“ од Никифор Смилевски, Скопје 2014

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »