речник контакт

На маунтин бајк до Стамбол и назад (фото)

За 14 дена велешаните Коста Тахов и Дејан Митров минаа 1,5 илјади км.

Петар Печков

Двајца млади велешани патуваа до Истанбул и Босфорот и назад на велосипед. И тоа на маунтин бајк, наменет за планинско возење. Со него Коста Тахов и Дејан Митров  минаа 1,5 илјади км. за 14 денови. Тргнаа на 26 август се вратија дома, во Велес на Денот на независноста 8-ми септември. Долгото патување не ги умори. напротив среќни и задоволни од уште едно животно искуство, раскажуваат за тоа што го доживеале по патиштата.  

Сѐ помина без проблеми, освен три  дупнати гуми  што е очекувано  за толку  километри, силен ветар и неколку невремиња кои нѐ не спречија да ја оствариме целта. Стартот беше од дома од пред врата. Велосипедите ги возевме до крајната дестинација и назад. Без никакви товарања во воз, автобус, автомобил, или пак  хеликоптер, подморница - објаснува Коста.

Дневно возеле од 120 до над 200 км. по што  следело  одмор во  шаторите, следниот ден повторно пакување возење… И секој ден така. Две недели. Велат дека по возењето со велосипеди до Александропулос  и Метеорите во Грција изминатите години, редно било да се зголеми далечината и годинава  да се вози до Турција, до Истанбул.   

Со mountain bike, натоварени како магариња со торби полни облека, вода, храна, шатори и други потребни работи. По градовите и селата сретнавме секакви луѓе. Некои расположени да помогнат со ладна вода, сместување, кафе и друго, а некои расположени да го решиме проблемот со името тука, на лице место. Прашуваа: Where are you from? - Macedonia им одговаравме. Скопје????!!! Им одговаравме: NOOOO!!! Велес. Одговор кој ги остава сите збунети - низ насмевка додава Тахов.

Возеле по патишта од асфалт, коцки, камења, земја, придружени од лаења, заби и лиги од возбудени кучиња, разлетани на сите страни по густата темница.  Во борба со силен и константен ветар од спротивна насока. Пренасочен сообраќај поради срушен мост. Морбидни мрачни и длабоки клисури, стари римски мостови, куќата на вештерката од приказната за Ивица и Марица, модерен автопат, граница... Во Турција по пат  пиеле вистинско турско кафе.

Голема благодарност до сите оние кои што грижливо не следеа и не прашуваа до каде сме и дали е се во ред, до сите кои викаа дека сме ненормални и сите добронамерни луѓе што не сретнаа по пат, не охрабрија и ни понудија било каква помош - кажа Митров.

Додаваат дека патувањето било организирано и реализирано самостојно без никакви спонзорства и финансиска поддршка од било кого.

АНКЕТА »

Колку сте задоволни од настапот на македонските репрезентативци на ЕП во одбојка?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »