речник контакт

Некогашниот војник ги строи производите во неговиот дуќан

Откако ја заврши кариерата како професионален војник, Стојанче Ѓоргиев отвори продавница. Преку програмата „Лепеза“ наменета за враќање во цивилен живот, се самовработил

Петар Печков

Велешанецот Стојанче Ѓорѓиев деновите ги минува во своето гранапче, близу  Бричкова чешма, меѓу рафтовите, уредно постројувајќи ги шишињата масло за јадење, кутиите со колачи и векните леб. Тие денес му го заменуваат војничкиот строј на АРМ, каде што минал десетина години како професионален војник.  Во февруари 2010 година, на Ѓорѓиев му престанал работниот однос во Армијата, затоа што го исполнил законското ограничување за служење, кое тогаш беше со навршени 38 години старост. Откако завршил обука за лиценца за обезбедување имоти и лица преку Програмата „Лепеза“, наменета да ги подготви припадниците на АРМ за враќање во цивилен живот, минал неколку месеци во Агенцијата за вработување.

Kолега со кого бевме во „Лепеза“ ми рече дека работи во познат синџир-маркети и ме викна да му се придружам. Ме примија во обезбедување на маркетите, а шеф ни беше поранешен полицаец. Се навикнав на новата работа, дури фатив и неколку кражби - вели поранешниот војник. По речиси една година работа, во која за ниска плата и без платени патни трошоци секојдневно патувал од Велес до Скопје и назад, војникот морал да ја напушти новата професија.

Тогаш дознав за програмата за самовработување и решив да се пријавам. Аплициравме околу 90 лица. По првиот тест останавме 28, а по втората фаза тестирање - 15 луѓе. Така, добив помош за основни средства за продавницата - рафтови, фрижидер... - вели Ѓорѓиев.  Со добиените 3.000 евра ја опремил продавничката, која е на половина пат меѓу Којник и Мегдан, па зел кредит за да ги наполни рафтовите. Во декември лани го почнал новиот бизнис. Сега се бори со трговијата, но и со беспарицата. Kако што вели, има работа „од капа до глава“. Се надева дека ќе преживее со новата професија, но с` уште копнее по Армијата.

Таа работа најубаво си ја знам. Не се споредува со ова сега - објаснува Стојанче. Минатата година, со измени во Законот за службата во АРМ, старосната граница до која професионалните војници можат да работат во Армијата е поместена од 38 на 45 години. Професионалните војници што во меѓувреме мораа да заминат, но и нивните колеги во униформа, сметаат дека тие требаше да бидат вратени на работа додека не го исполнат новиот законски лимит. 

Според поранешните војници, многумина многу тешко се снаоѓаат, особено поради економската состојба, а дваесетина семејства се во особено лоша ситуација. Според Министерството за одбрана, околу 70 отсто од војниците што ја напуштиле АРМ нашле ново вработување. Во април 2007 година Министерството за одбрана ја почна Програмата „Лепеза“, за подготовки за враќање во цивилниот живот, која досега опфатила 429 поранешни припадници на армијата.

Во почетокот во програмата се приклучуваа само старешини, кои заминуваа во пензија со 25 години стаж, но во 2010 година првата генерација професионални војници го достигнаа законското ограничување за служење во АРМ. Таа година низ програмата минале 33 офицери и 88 војници, а следната година 18 офицери, 2 подофицери и 96 војници.

Лани, поради законските измени и поместувањето на старосната граница, низ „Лепеза“ минале само двајца професионални војници, на кои им престанала службата во АРМ од здравствени причини, и 6 офицери поради структурни реформи. Програмата обезбедува обуки за нови занимања, а најпосетувани се обуките за возачи, со сертификат за меѓународен транспорт и за лиценца за обезбедување.

Дел поранешни професионални војници искористија грантови за почнување сопствен бизнис, а дел од нив субвенционирање вработување кај заинтересирани работодавци или подготовка за вработување. Со обуките обезбедени во рамките на Програмата „Лепеза“, со помош на мерките и програмите преку Агенцијата за вработување, како и со посредувањето при вработување голем број поранешни професионални војници (повеќе од 70 отсто) се веќе вработени. Голем број се вработија во Агенции за обезбедување и во транспортни претпријатија, благодарение на завршените обуки преку Програмата „Лепеза“ - изјавија во Министерството за одбрана.

АНКЕТА »

Велес е еден од малкуте градови во Македонија, кои немаат пешачка зона во центарот на градот. Дали сте за улица 8-ми септември од Сармаале до споменикот на Илинденците да биде затворена за сообраќај а тој дел пешачка зона?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »