речник контакт

Ни по две години не се знае виновникот за смртта на родилката Мајсторова

И овој 22 јули, како и тој од пред две години нема одговор на бројните прашања кои семејството ги поставува, за причините за смртта на Лила Мајсторова

Петар Печков

          Две години молк, никој ништо не кажува за причините за смртта на велешанка Лила Мајсторова ( 45 год). Таа почина при породување а по неколку дена почина и бебето. Сопругот Панче и децата Ѕвездана и Ангела, заедно со најблиските вчера беа на гробот од сопругата и мајка Лила. И овој 22 јули, како и тој од пред две години нема одговор на бројните прашања кои  ги поставуваат, но наидуваат на ѕид од кои како лошо ехо тие се враќаат.

Две години одиме низ судските ходници, прашуваме, бараме одговор а него го нема. Како почина сопругата Лила, кој е виновен, тоа сакаме да го дознаеме. И го должиме како одговор за мирно да почива. Сите креваат раменици а гробот е нем сведок на нејзиното постоење. Децата пораснаа, стануваат свесни и тие бараат одговор на болни прашања – вели сопругата Панче.

И по две години од смртта на Лила Мајсторов  судскиот предмет  е без никаква разрешница. Стигнат е само  резултатот од обдукцијата од кој се знае дека Мајсторова починала поради искрварување. По ова обвинителството побарало вештачење, за да се дознае, дали породувањето е изведено како што треба, дали навреме и е дадена потребната помош, има ли вина или не на некого од лекарскиот тим. По повеќе од 20 месеци, вештачењето го нема, поради што нема ниту отворено истрага за овој случај.

Чудно ни е како тоа и по толку време вештачењето не стасало до велешкиот суд. За овој период  дојдоа вештачењата и епилог добија многу предмети, кои се случија по смртта на мојата сопруга. Нека ми даде некој рационално објаснување, зошто оваа документација ја нема. По ваквиот развој на случувањата, не може никој да ме убеди дека нема задни намери, дека некој сака нешто да сокрие. Ако судот нема пари да го плати вештачењето, како толку други стасаа а ова не. Тоа раѓа  болни сомнежи – рече Мајсторов.

Неговата сопруга Лила Мајсторова почина на 22 јули 2010-тата година, при породувањето на третото дете, син, кое по седум дена почина  на Клиниката за педијатрија во Скопје. Породувањето на почеток се одвивало согласно утврдените протоколи, за потем да дојде до неочекувани компликации, доаѓа до нагло влошување на здравствената состојба на родилката,  добила ,, екламптичен напад“ со грчеви по што таа запаѓа во коматозна состојба. Биле повикани невролог и втор анестезиолог,  а засилената лекарска екипа неколку часа се борела за живот на пациентката. Породувањето е извршено, но за жал Мајсторова ја загубиле, така  се одвивала тричасовната драма на Акушерското одделение. Интерната комисија на Болницата во Велес не констатирала грешка на лекарскиот тим кој ја породуваше починатата 45-годишна родилка.

Проследени се сите медицински документации, за тоа како од минута во минута се одвивал случајот, кои лекарства се давани, како постапувале докторите, разговарано е со сите членови на лекарскиот тим кој ја породувале родилката, има и  нивни писмени изјави и заклучено е дека се што е превземено со пациентката, е сторено според позитивните медицински стандарди и протоколи. За жал и покрај превземените мерки, пациентката е почината – изјави тогаш директор на велешката Болница Ванчо Граматов. 

Тој сметаше дека одговорот за смртта на родилката Мајсторова ќе се знае откако ќе бидат добиени резултатите од обдукцијата, која подоцна покажала дека таа искрварила.  Дали има вина за тоа, и ако има, кој е виновникот, е прашањето кое го поставува семејството Мајсторови.

АНКЕТА »

Каде одмарате летово?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »