Петар Печков
Објавено: вторник, 24 август 2021
Основното јавно обвинителство Велес поднесе Обвинителен акт против 40-годишно лице од Прилеп за кривично дело – Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години. Настанот се случил на 20-ти октомври минатата година во Градско,а оштетеното девојче било на возраст од 13 години.
„Детето отишло во куќата на својот чичко каде се одржувала забава на која бил присутен и обвинетиот. Тој видел дека девојчето се упатило кон дома и незабележано тргнал по него. Кога стигнале во близина на оградата која ги раздвојувала куќите на родителите на оштетеното дете и на нејзиниот чичко, обвинетиот од зад грб со една рака и ја затворил устата и почнал да ја влече. Потоа ја свртел кон себе и додека со едната рака и ја држел устата затворена, со другата рака ја допирал по телото. Потоа и ја ослободил устата, обидувајќи се да ја бакне, но оштетената тоа не му го дозволила и се обидела да повика помош. Туркајќи го, оштетената успеала да земе дрвен стап и го удрила обвинетиот по ногата. Тој паднал на земја и таа побегнала во својот дом“ - соопштија од ОЈО Велес.
Обвинетиот немал постојано живеалиште, односно престојувал кај свои роднини или пријатели во зависност од местото каде ќе биде повикан да работи, а немал ниту постојано вработување.
Јавниот обвинител оцени дека се уште постои опасност обвинетиот да се даде во бегство, па до судот достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор.
| Tweet |




