речник контакт

Обвинети за убиството во Ореше добија 33 години затвор

Ѓоре доби 13 а браќата Ордан и Љупчо по 10 години затвор

Петар Печков

 Обвинетите за случајот убиството во село Ореше се прогласени а виновни и добија вкупно  33 години затвор.   Ѓоре  Петровски како нарачател доби  13 години, додека  браќата Ордан и Љупчо Ѓоргиевски  како извршители добија  по 10 години затвор.  Ова беше четврта пресуда за овој предмет, откако  со првите две добија по 12 години, со третата беа ослободени, сега се повторно прогласени за виновни.   Осудените пресудата ја дочекаа со цинична  насмевка.  

Ова е срамна пресуда, судството покажува дека е спаднато на ниски гранки. Платено убиство за да  лишите од живот друг човек казната е доживотен затвор, не може 10 години. Откако судијата донесе  ослободителна   пресуда по  двете  претходно изречени затворски казни  за истиот предмет, беше осуден, сега имаме пак осудителна  пресуда. Ваква алиби пресуда  значи дека судите се  плашат.   Нема доказ дека   браќата пукале, ја нема пушката, земената парафинска ракавица не покажува дека кај нив има нитратни честички. Одземените обувки не се  совпаѓаат со најдените  отисоци на местото   од каде е пукано - рече Ѕвонко Давидовиќ бранител на браќата Ѓоргиевски.

Според  обвинителката Славица Темелковски, која го застапува обвинението,  постојат материјални докази,   кои посредно докажуваат дека обвинетите се сторители. 

Факт е дека вечерта Љупчо и  Ордан биле во Ореше, кај себе имале огнено оружје. Факт е дека и Љупчо испукал следниот ден на лов два куршуми од чист мир, онака без образложение.  Прашање е зошто кога браќата оставале парична донација,испратена од  Ѓоре  од САД, наменета за локалната црква, барале да има секогаш некој од црковниот одбор.  Заштитениот  сведок Бреза или потоа обичен сведок Златко Арсовски, ги менува изјавите што  е дел од конструкцијата на одбраната. Вештите лица објаснуваат дека тој  зборува што нему му одговара во моментот   - рече обвинителката Темелковски.

 Бранителот на прво обвинетиот Ѓоре Петровски, адвокат Коста Нојков  рече дека процедурата за испорака на  обвинетиот како  нарачател не е испочитувана.

Имаме барање за екстрадиција од  ноември 2008-мата година а еве по толку години, 2015-та го немаме  oдговорот. Зошто тој е испорачан.  Со овој предмет се пишува историјата на македонското правосудство. Од овој предмет многу генерации ќе учат како (не)треба да се постапува и работи . И по толку години нема доказ, врз кој може да се каже дека обвинетите се сторители - рече адвокатот   Нојков.  

Според обвинението Ѓоре Петровски сакал да му се одмазди на убиениот старец Лазо Милошевски , бидејќи  сметал дека пред повеќе години пукал во него и го ранил. За ова Петровски, кој тогашживеел во САД, телефонски  ги најмил браќата Ордан и Љупчо Ѓоргиевски, кои го извршиле убиството за 20 илјади долари.  Убиството се случи на 2-ри декември  2005-та во 20.45 ч. додека Милошевски ( 71 год) ја подготвувал вечерата во неговиот дом.  Ова е четврта  пресуда за овој предмет, првите две беа осудителни и обвинетите добија по 12 години додека третата беше ослободителна. 

АНКЕТА »

Дали состојбата со ковид-19, го промени начинот на живот кај Вас?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »