речник контакт

Од Велес за Битола само со автомобил

Автобускиот сообраќај со намалени линии или во прекин. Постојните превозници кои сообраќаат со вработени од Велес за Скопје, се жалат дека нема економска исплатливост

Петар Печков

Превоз  од Велес кон Битола, Прилеп нема освен индивидуално, со автомобил. Две седмици автобускиот  сообраќај од Велес кон овие градови е во прекин, нема ниту за Охрид.  Причината што автобуските превозници времено  ги прекинаа линиите е епидемијата на корона вирусот. Исто толку време не се одвива и железничкиот сообраќај од и кон Битола, оти падна карпа на пругата кај Стари град.

Идат патници, или телефонски прашуваат за превоз до Битола, Охрид, Прилеп, но автобуси нема - изјави Христина Кузмановска од Автобуската станица во Велес. Осетно е редуциран и останатиот автобуски превоз, по два автобуси сообраќаат кон Гевгелија и Дојран, четири кон Струмица, два кон Кавадарци,  еден  за Кочани и десет за Скопје. Ако на велешка автобуска станица до пред еден месец имаше автобус на секој 15-тина минути, сега ги нема со часови.  

Директорката на транспортната ,,Пан промет,, од Велес која вози  редовни  автобуски линии за Скопје, со кои се превезуваат вработени велешани до главниот град и назад, реагира дека  нема економска исплатливост.

Согласно одлуките за држење на растојание помеѓу патниците, во еден автобус можеме да примиме не повеќе од 25 патника.  Со такви услови не можеме да ги покриеме трошоците за гориво, за вработен возач, за патарина а не смееме да ги откажеме луѓето да заминат на работите места и да ги вратиме назад. Потребно е решение од надлежните за ваквата состојба, нека се пресече и одлучи дали овие лица   секојдневно треба да патуваат за Скопје  -  изјави Божана Ордева директор на ,,Пан промет,,. Повеќето од  овие велешани кои патуваат до Скопје на работа и назад се вработени во јавната администрација, во министерствата и државните ЈП.

АНКЕТА »

Дали летово планирате да одите на одмор и ако одите каде?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »