речник контакт

Од приказна до песна, по царска повелба загина Михов

За велешкиот учител Петар Михов народот, му испеа две песни. Од книтага ,,Песната и коренот,, на Никифор Смилевски

Петар Печков

Песните за хероите се дел од историјата на народите, од вооружена борба за слобода. Нивните гробови се светли белези од бурниот величествен период, кој претставува гордост на нацијата. Стварноста со протокот на времето станува легенда, што останува засекогаш во срцата на генерациите.

Ако делото на загинатиот, на убиениот е големо, херојско, кое претставува училиште за современиците и потомците, тогаш тоа е најубавиот пример, најубавата лекција во животот како да се бори, да се сака слободата. Токму таква последната лекција до последните месеци и денови на својот живот одржа учителот велешки, омилен во сите средини, Петар Михов. За него, за неговото херојско држење во затворот народот му испеа две песни.

Тоа што велешани со децении се бореа и се изборија за отворање училишта во првата половина на минатиот век како и во нив наставата да се води на мајчин јазик, што на најдобар начин го промени нивниот сограѓанин и голем учител Јордан Хаџи Константинов – Џинот, претставуваше само дел од натамошната борба.

Таа најпрвин се водеше на просветен план, за понатаму да прераснува уште пошироко. Покрај постојаниот параклис „Свери Ѓорѓи“ велешани во тој период изградија две цркви на двете страни на градот. „Свети Спас“ – на левата и „Свети Пантелејмон“ – на десната страна на Вардар.

Трговијата што имаше голем процут како и изградената железница Скопје – Солун во 1873 година придонесоа напредните идеи побрзо да доаѓаат, да се пренесуваат во Велес, каде веќе имаше и традиција од борбите на просветен и на духовен план. Впрочем ова ќе го констатира и Гоце Делчев кога во април 1895 година ќе ја изврши познатата маршута во централниот, јужниот и југоисточниот дел на Македонија. Целта е да се направи увид за состојбата на револуционерната мрежа во овие делови на Македонија, што почнува организирано да се буди.

Во Велес, Гоце, кого го придружува неговиот  близок пријател Туше Делииванов, ќе го сретне познатиот револуционер и еден од основачите на ВМРО Петар Поп Арсов. Од добиените податоци е задоволен бидејќи Организацијата е силна, која може уште повеќе да се зголеми, да се прошири во секое село. Иако интелигенцијата е поделена на социјалисти и анархисти, сепак, целта е единствена.

Подоцна Делчев восхитен од револуционерноста на велешани, како и од храброста на гемиџиите кон кои тој имал големи симпатии, ќе му расправа на својот пријател и револуционер Алаксо Мартулков – Бизмарк, за својот престој во Велес. Притоа тој сликовито ќе се изрази за нив преку следнава реченица: „Велес претставува Швајцарија за Македонија“. Кога го кажувал ова Гоце не мислел на убавините, туку на тоа што вистинските прогресивни политички движења во Европа во тоа време биле најприсутни во Швајцарија, а во Македонија во ова предничел Велес. (За оваа реченица на Гоце, многу подоцна, во слободна Македонија Мартулков ќе му раскажува на  судијата Анастас Поп Ѓорчев во Скопје.)

По Делчевата посета на Велес, се преземаат мошне успешни активности на планот на омасовувањето на Организацијата, собирањето оружје и пари, на конспиративноста. Најангажирани се учителите. Меѓу нив е и Петар Михов. Всушност, за секој акција се консултираат со него. Директор е на седумлетката. Тој има мошне голем авторитет меѓу граѓаните. Ценет е и сакан од колегите и учениците.

Речиси не постои проблем што не може да го реши. Михов има толерантен однос кон социјалистите, а посебно се ангажира во одбрана на учителот Андон Шулев.  Овој учител ги пропагира идеите на научниот социјализам поради што е наклеветен кај владиката и за проповедање атеизам меѓу граѓанството и учениците.

Турската власт дознава за ангажираноста на даскалите во организацијата. Посебно го следи нивниот директор. Во таа 1901 година ВМРО во Велес поголемиот дел од активностите ги насочува кон прибирањето оружје. Секоја пара се користи за набавка на пушки и бомби. Дел од оружјето активно го користат месните чети од Велешко. Судирите со аскерот и полицијата се се почести. Во таа година накратко во Велес доаѓа и Делчев. Организацијата е авторитативна и силна. Таа ја заменува турската власт. Формирани се народни судови кои ги решаваат споровите на населението.

Меѓутоа едно мало невнимание, едно случајно фатено писмо е повод Турците да се пресметаат со учителот – револуционер, а со самото тоа и да ги пресечат корењата на Организацијата и на борбата што веќе не е толку ретка. Писмото чија содржина се однесува на набавката на пушки, е доказот на полицијата за учеството на Михов. Го затвораат најпрвин во Велес, а потоа во злогласниот затвор во Куршумли Ан во Скопје. Го ставаат на најтешки методи на мачење. Михов е поцврст од карпа. Не издава никого. Дури ни збор не можат да му извлечат. Мачењата продолжуваат со месеци. Го испитува Дервишот баш полицаец (шеф на полицијата). Прашањата се повторуваат секојдневно: за организацијата, за писмото, за пушките, за соработниците. Отворените рани по телото, сепак не се доволни да се скрши духот на учителот. Доаѓа и 1902 година. Пак минуваат месеци. За тешките измачувања знаат велешани. Знаат и неговите ученици кои се гордеат со неговата храброст. Но во април доаѓа тажна вест. На спиење во затворот во Скопје е убиен Петар Михов.

Веста за убиството со секавична брзина се пренесува во Велес. Целиот град излегува на железничката станица да му одаде почит на убиениот учител. Сите дуќани се затвораат. Покрај големата поворка се наоѓаат полицајци и војска. Власта се плаши од народниот револт.

На погребот беше испаднат целиот Велес. Добро се сеќавам кога ковчегот со останките на учителот беше горе во црквата Свети Спас, а крајот на поворката беше долу кај  Пазариштето – вака ни расправа Милан Пенчев, деведесетгодишен, за овој настан, за погребот на велешкиот револуционер и учител.

Наредниот ден на учениците од забавиштето и од првите одделенија во знак на сеќавање на убиениот учител им биле дадени молив и тетратка. За тоа време, како што вели тогашниот ученик од забавиштето Панчев, моливот и тетратката претставувале многу големо и далечно нешто во споредба со калемчето и таблата.

На споменикот со високо издигнатиот железен крст, што ја симболизира големата храброст, со калиграфски букви е испишано: „Твојот прав, мил наш брате, главен учител Петар Михов го предаде духот на 25 април 1902 година.“

Денес во родниот град една улица го носи името на храбриот учител – револуционерот Петар Михов.

Од книгата  „Песната и коренот“ од Никифор Смилевски,

АНКЕТА »

Дали учениците од 1-ви септември треба да тргнат на настава во училиште?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »