речник контакт

Опожарен автомобилот на командирот на велешка полиција

Подметнат оган или проблем со инсталацијата

Петар Печков

Автомобилот  марка ,,тојота јарис,,  на командирот на велешката полиција изгоре вчеравечер  во пожар. Полицијата не открива  дали е подметнат или е поради проблеми во инсталацијата, тоа ќе го открие истрагата. Ниту командирот Диме Ѓуров не се јавува  на телефон, за да каже дали тој и семејството се чувствуваат сигурно, по овој инцидент кој се случи пред неговата куќа,  во месноста Соколаана.

Претпладнето глетката на местото каде автомобилот горел е страшна, оштетена е куќата каде Ѓуров живеел а црните траги од деловите од автомобилот се  расфрлани по улицата. Од СВР Велес го потврдија настанот.

Во 1,50 часот по полноќ во ПС Велес е пријавено дека на ул. Киро Рогужаров е опожарен автомобил марка  ,,тојота јарис,,  сопственост на Д.Ѓ. ( 34 год). Тој бил паркиран пред куќата каде живеел. Увид на местото прават екипи на полицијата – изјави Анита Стојковска  портпарол на СВР Велес.  Полициски службеници не дозволуваат фотографирање  на местото  каде е запален автомобилот на   Ѓуров.  Но затоа соседите зборуваа за ноќешниот инцидент, кој силно ги вознемири.

Синот излезе на тераса оти слушнавме звук на оган, мали експлозии,немаше силна и голема, но и мирис од чад. Пожарната дојде бргу,  го гаснеше огнот.  Колата е сериозно оштетена на  предницата, од страна. Видете и на неговата куќа колку чад и црно има по неа. Неубаво,  не чини, Диме има три деца, кој и да го сторил му ги вознемири децата, сопругата  но и сите соседи   – велат комшиите.

 Пред извесен период беше опожарен и  автомобилот на заменикот  командир на СВР Велес Ердинч  Мемедалиев. Ланската година пак истото им се случи на автомобилите на тогашниот претседател на Основен суд Велес, Ордан Лазаровски, на судиите Шефшет Адеми и  Габриела Гајдова, минатиот месец  на финансискиот  директор на Жито Вардар, Урош Тасев.  

На прашањето до велешката полиција,  во колку од  овие случаи  се откриени сторителите,   информираа дека ниту еден  не  е расветлен. Единствено  во еден случај е откриен сторителот,   има правосилна пресуда, за запалувањето на автомобил  и селската продавница во Ореше. 

АНКЕТА »

Колку сте задоволни од настапот на македонските репрезентативци на ЕП во одбојка?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »