речник контакт

Падна првата клапа од новиот македонски филм

Денес во Велес започна снимањето на новиот македонски филм насловен „Јас сум од Титов Велес“ по сценарио и режија на Теона Стругар Митевска.

Петар Печков

Тоа е нејзин втор долгометражен филм по првенецот „Како убив светец“. Првата клапа падна утрово во 7 часот кај Железниот мост на реката Вардар.

Главните ликови во филмот ги толкуваат Лабина Митевска, Николина Кујача, Ана Костовска, Џевдет Јашари и словенечкиот глумец Петар Мусевски, Јовица Михајловски. Ќе играат и Митко Апостоловски, Јордан Витанов, Петар Горко, Горан Илиќ и други. Директорка на фотографијата е Виржин Сен Мартин од Белгија.

Ќе се снима во велешката Топилница, во фабриката Керамика-нова, а како екстериери ќе послужат повеќе места во градот. Агент за продажба на филмот е една од најголемите агенции од Европа, Баварија филм од Германија.

Приказната на „Јас сум од Титов Велес“ зборува за три сестри од Велес Лабина Митевска - Афродита, Николина Кујача - Сафо и Ана Костовска - Славица, што живеат во хаосот на постсоцијалистичката транзиција. Трите сестри се обидуваат да преживеат, иако не се доволно подготвени за суровоста што ги чека. Неолибералната транзиција им ги има отворено вратите на новите богаташи, кои веруваат дека се\' има своја цена. Славица, најстарата сестра, е веќе девет години на метадонска терапија. Таа е во очајничка потрага по сопруг што би ја одвлекол од мизеријата. Сафо е прагматична, подготвена на се\' за да стигне до посакуваната цел, додека Афродита има најмалку време за себе. Приказната се следи низ очите на Афродита.

Снимањето на филмот ќе продолжи  40 денови: во Велес до 5 Октомври, на 6 и 7 Октомври во Дојран и ќе заврши на 8 Октомври во Скопје.

Во вкупниот буџет од 1.300.000 евра, македонското Министерство за култура учествува со 400.000 евра, францускиот филмски фонд Суд со 130.000 евра, а европскиот Еуроимаж со 220.000 евра, Филмскиот фонд на Словенија со 150.000, регионалните фондови со 150.000 евра.

Премиерата се очекува да биде идната година. Филмот е  копродукција меѓу четири земји Sisters and Brother Mitevski Production – Македонија, Vertigo – Словенија, Silk Road Production – Франција и Entre Chien Et Loup – Белгија.

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »