речник контакт

Поплава, нови кривични за сообраќајци оти не казнувале

Секторот за внатрешна контрола и професионални стандари при МВР поднесе кривични пријави против З.Џ.(37) и Ѓ.Р.(48), двајцата полицајци сообраќајци од Велес поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело “злоупотреба на службената положба и овластувања“.

Петар Печков

Според истражните сознанија, пријавените З.Џ и Ѓ.Р. во периодот од април 2008 до јули 2009 година, злоупотребувајќи ја службената положба и овластувања, постапувале спротивно на одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Притоа наместо да ги превземат законски пропишаните службени дејствија З.Џ во 11 случаи (сообраќајни незгоди), а Ѓ.Р. во 15 случаи (сообраќајни незгоди), на сторителите на прекршоци и кривични дела во тие сообраќајки не им поднеле соодветни поднесоци (прекршочни или кривични пријави), со што им овозможиле на сторителите на тие дела да не бидат соодветно законски санкционирани.

Конкретно, пријавениот З.Џ., иако за единаесетте сообраќајки изготвил службени белешки, сепак спротивно на законските одредби не извршил увид на лице место, не направил записници, ниту пак ги евидентирал сообраќајките во регистарот и книгата за дневни настани во ПС Велес. Притоа во сите случаи им овозможил на странките (учесници во сообраќајните несреќи), меѓусебно да се договараат за надоместокот на причинетата материјална штета и против девет лица не поднел прекршочни пријави, а против две лица не поднел кривични пријави за сторените кривични дела.

Исто така и пријавениот Ѓ.Р. освен шест службени белешки, ниту една од 15 сообраќајки не завел во регистарот и книгата на дневни настани во ПС Велес, а во девет случаи иако излегол на лице место и преземал увидни дејствија, наместо да изготви записник и против учесниците во сообраќајните несреќи да поднесе содветни прекршочни пријави, никаде не ги евидентирал и неизготвил службени материјали. Притоа за шест лица не поднел прекршочни пријави, а за едно лице не поднел кривична пријава за сторено кривично дело.

Инаку пред седум дена поднесена е кривична пријава за истото кривично дело и против уште еден полицаец при ПС за БПС Велес, М.Л. којшто на идентичен начин ја злоупотребил службената положба и овластувања.

АНКЕТА »

Колку сте задоволни од настапот на македонските репрезентативци на ЕП во одбојка?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »