речник контакт

Поројот како торнадо, направи штета од 40 илјади евра

Штетата од неодамнешното невреме кое го зафати велешко е проценета на 19,5 милиони денари. Плус трошоците на ЈКП Дервен за работа во вонредни услови од половина милион денари.

Петар Печков

Толку пари ќе потроши локалната власт за да се санираат сите  оштетувања на градската инфраструктура, водовод, канализација, сообраќајници и улици кои поројниот дожд на 19-ти јуни го зафати градот и пошироката околина во вечерните часови. Во нанесените штети влегуваат десетина километри патишта, десетина тони наноси од земја кои водата ги остави по градските сообраќајници, однесени канализациони шахти и камени и бехатон  коцки од тротоарите и улиците.

При ова за расчистувањето на градот од улиците се изнесени 150 тони шут и земја  со 50 трактори а 35 цистерни со вода се употребени за  истите да се исперат. За овој вонреден ангажман локалното комунално претпријатие ЈКП Дервен потрошил непланирани  дополнителни половина милион денари. И додека градот и јавните институции ги преброија штетите, во дадениот рок од две седмици,  ниту едно приватно лице или фирма нема пријавено да бара надомест на штета.

Иако поројот оштети стотина семејства во повеќе делови на градот Потокот, Речани, Долни Дуќани, како и продавници и маркети во централното градско подрачје кои се наполнија со вода и до еден метар, тие не се пријавиле да бараат надомест за штетата од невремето. Тоа не го сторил ниту еден индивидуален земјоделец од Иванковци и Мартолци каде градот го оштети родот на житото, тутунот, лозјата а во Речани на градинарските култури.

Тие разочарани од проценката на ланското невреме кое го зафати Велес на 18-ти август и обештетувањето од 15 отсто од проценетата штета, кое ни по година дена не е исплатено, едноставно решија да не ја пријавуваат штетата, кога истата нема да им биде надоместена.  Од Општината  велат не може многу да помогне околу надоместок на штетите.     

Оваа проценка е на нашата општинска комисија, но за да се префрлат било какви средства за обештетување мора да се добие согласност од државната комисија формираната во Владата, која и ги два парите – изјави Славчо Чадиев, претседавач на Советот на општината.

АНКЕТА »

Дали користите велосипед во Велес?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »