речник контакт

Поставени првите седум подземни контејнери за собирање отпад

Контејнерите се исклучиво наменети за комунален отпад и во нив не треба да завршува картонската и ПЕТ амбалажа, градежен шут, жар и пепел од домашни ложишта

Петар Печков

На територијата на градот Велес поставени се првите подземни контејнери, засега седум на број.  Контејнери се поставени на различни локации,  на улица „Илинденска“ до трговскиот центар „ВЕ МОЛ“, на улица „Методија Андонов Ченто“ пред пешачкото мовче на Битолска пруга, на улица „8ми Септември“ помеѓу Централен регистар и Основен суд Велес и спроти театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“.

Контејнерите се исклучиво наменети за комунален отпад и во нив не треба да завршува картонската и ПЕТ амбалажа, градежен шут, жар и пепел од домашни ложишта. За отпадот кој може да се селектира, општината на јавните површини има поставено соодветни садови за овој вид отпад - велат од локалната власт.  

Подземна вреќа за собирање на отпад е изработена од водонепропусен полиестер со волумен од три метри кубни. Контејнерите од страна на ЈКП „Дервен“ ќе се празнат во утринските часови секој ден. Комуналното претпријатие набави нова хидраулична дигалка заради специфичниот начин на празнење на контејнерот, со негово подигнување на потребната висина и празнење на вреќата. Со овој начин на складирање и собирање на отпад,  бездомните животни, кучињата и мачките, нема да можат да го растураат по јавните површини.

Граѓаните ќе можат да го употребуваат  контејнерот на тој начин што ќе ја притиснат ножната педала која ќе го крене поклопецот на контејнерот и без да имаат контакт со делови од него. Апелираме до граѓаните да не паркираат возила пред локациите каде се поставени контејнерите, за да можат истите да се празнат - додаваат од општинските служби.

Предвидено е   локалната власт да продолжи со поставување на подземни контејнери  за отпад, и на други локации, со што  ќе се придонес за почиста животна средина и подобро управување со отпадот.

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »