речник контакт

По долна Бабуна, никна дива населба

Иако овој предел локалната власт пред десетина години го прогласи за заштитено подрачје, и забранет е за градење, одреден број велешани започнаа да го узурпираат просторот и градат куќи

Петар Печков

Во долниот тек на реката Бабуна се изгради дива населба, која брои стотина нелегални објекти. Иако овој предел локалната власт пред десетина години го прогласи за заштитено подрачје, и забранет е за градење, одреден број велешани започнаа да го узурпираат просторот. Сите куќи се покрај реката, без вода и одвод, но со струја. Така ова место кое е омилено одморалиште на велешани во летниот период, сега е освоено  нелегално.  Овој проблем се актуализира секоја пролет, кога започнува посетата на велешани на  Бабуна.

Редовен посетител сум на овој предел и љубител на природата. Но ова што е случува тука е безобразлук. Како и при освојувањето на новиот континент  Америка, кој каде ќе си постави знак дека е негово, така и тука се присвојува просторот. И тоа се покрај реката. Ако вака се продолжи  ќе нема пристап до водата. Од лани есента до пролетва има  неколку нови куќи. Како во зима ги градеа само тие знаат – вели Зоран Димов, кој со неговото семејство доаѓа на бреговите од Бабуна  секој викенд.

Состојбата секоја година е се полоша, иако  месноста од страна на Советот на општината  го прогласи за карактеристичен пејзаж, за природните убавини да се зачувуваат од уништување. Локалитетот во долниот тек на реката Бабуна го опфаќа просторот од природната реткост Пешти, па се до вливот во реката Вардар, во должина од неколку километри. простор со географска особеност, природна убавина, како и историското и културно значење.

Тука има стотина дивоградби, некои и  вистински палати, други  карабини, кои со годините подоцна стануваат места за живеење.  Сите тие во реката ја  излеваат канализацијата и отпадните води. Иако објектите се множат, локалните власти со години немо  го следат ова узурпирање, без да преземат било какви мерки. Ниту еден нелегален објект од 57-те, колку што беа регистрирани пред седум  години, досега не е срушен, а сега има стотина.

Согласно урбанистичките планови, овој предел е заштитен заради зачувување на пејзажот и природните убавини, таму не сме да се гради. За жал оваа појава  е присутна со децении. Општината нема да дозволи нивна легализација, тие ќе имаат статус на бесправно изградени објекти и со законската регулатива познато е што следува за нив.  Проблем е што тие имаат приклучок за струја што е парадокс и затоа од ЕВН е потребен сериозен однос, бидејќи нелегално изграден објект не смее да има електричен приклучок. За сопствениците на овие куќи нема оправдување зошто тие така градат, ниту белешката од струја нема да им помогне објектите да бидат легализирани. Општината и надлежните инспекции ќе ги преземат сите мерки и постапката што е во согласност со законот – вели Горан Петров градоначалник на Велес.

Од ЕВН објаснуваат дека ја наследиле состојбата од ЕСМ, дивоградбите да имаат електрична енергија, тие не приклучиле ниту една дивоградба на струја. Просторот се узурпира по проверен рецепт.  Прво, се оградува парче земја, каде што се засадуваат земјоделски или градинарски производи, потоа се гради дрвена куќарка, која потоа прераснува во дивоградба. Некои  од сопствениците  поднеле барање за легализација на дивоградбите, надевајќи се дека ќе минат на мала врата а државата ќе замижи пред нивната неодговорност и алчност .

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »