Петар Печков
Објавено: петок, 13 октомври 2017
Изминатиот викенд во Велес, во рамките на фестивалот на пити и вино „Питијада 2017“, се одржа и велосипедски настан на кој според организаторот учествуваа 250 учесници од повеќе градови од Македонија.
Организаторите од ЗГ Велес Бајкинг- Велес се погрижија сите, кои утрото дојдоа во Велес да се чувствуваат релаксирано, да го поминат денот во прекрасно дружење и возење по интересната патека по велешката околија.
Се возеше предвидена патека од 35,4 км која ветува многу за тие кои прв пат ја возат, а за “редовните“ да ги повторат позитивните емоции. Првиот дел од патеката се возеше од левата страна на Вардар по земјен пат опкружен со лозови насади, а над неа надвиснат ридот „Гроот“.
Првата пауза беше во манастирот Св. Петка, а потоа атракција – возење велосипед по висечки мост на реката Вардар, за висок адреналин. Потоа следи возење и обиколка на езеро Младост, а пред крај класичниот off road спуст и возење покрај реката Вардар. Крајот на турата, некаде по 14:30 часот е таму каде што започнаа – во дворот на Гимназијата. Ова беше 4-та по ред велосипедска тура.
Имаше учесници, екипи и здруженија од Прилеп, Кавадарци, Струмица, Демир Капија, Драчево, кои се редовни и се побројни, за прв пат оваа година и Штипјани, Кочанчани и Битолчани. Учесниците од Скопје се како домаќини, а поединечно имавме гости и од Охрид, Св. Николе, Куманово, Неготино, Виница.
Останува уште да ги убедиме велешани да се охрабрат и да излезат да возат- вели организаторот Зоран Јаневски од ЗГ Велс бајкинг.
Tweet |