речник контакт

Прав и пепел се стори бисерот на велешката архитектура

Општината за изминатите две децении откупи и уреди две куќи, на Касапови и Џинот. За овој период државта не стори ништо за зачување на архитектонската вредност

Петар Печков

Прав и пепел, купишта плитар и јагленосани  дрвја остана од куќата на Габерови, еден од бисерите на старата велешка архитектура  која е под заштита на државата поради нејзината архитектонска вредност. Пожарот која ја зафати во неделата наутро,  уништи една од гордостите на Велес.

Неповратно е загубено богатството старо два века, таваните на  куќата на Габерови  беа вистинско ремек дела, со розети, ѕидовите со долапи за чување на облеката а по подовите миндерлаци за седење. Сето тоа огнот го проголта за неколку часа. Таа е изградена при крајот на 18-тито век од турски бег, кои ја поделил на два дела, машки и женски.

Куќата на Габерови беше прекрасен, уникатен примерок на стара велешка архитектура.  Таа беше една од постарите во градот и релативно добро сочувана. Значајни за неа беа розетите на таваницата, десетокрака ѕвезда, во кои имаше слики од ѓул трендафил. Целата куќа беше впечатлива и штета што не се успеа да се санира и да се остави за наредните генерации- вели Станка Амбаркова, архитект, која има издадено две книги за старата велешка архитектура. 

Куќата на Габерови го добива името по нејзините сопственици, семејството на професорот од Правниот факултет  Стеван Габер. Тоа кога се иселило ја продава на две семејства Малинови и Јовеви, чија сопственост се и денес, или на тоа што остана од нив. Потсетуваат дека тие своевремено, кога биле финансиски моќни барале да  извршат нивна обнова, но надлежните ги одбивале, со одговор дека ,,куќата е под заштита на државата, и не може да се преземаат никакви интервенции,,.

Малиот инцидент, кога поради неплатени сметки,старицата подготвувала кафе на плинско решо, а искрите ја зафатиле дрвенаријата,  направи огромна штета,ја пеплоса куќата. Од локалната власт на општина Велес потсетуваат дека тие за две децении, успеале да откупат две куќи и да ги уредат, куќата на Касапови и на Џинот, додека државата за овие  20 години ништо не сторила на овој план за Велес и старата архитектура.

Ако се изземе дека куќите на Рацин и Главинов беа уредени во претходниот систем, градот Велес одговорно се однесуваше кон своето национално богатство. За жал немаше одѕив од државата, која за овие години ништо не стори на планот на заштита на старата велешка архитектура. Сега кога оваа куќа изгоре и се што имаше во неа отиде во неповрат, можеби ќе има можност за некои други куќи да бидат санирани – велат од локалната  самоуправа на општина Велес.

Според списокот  на Националниот Конзерваторски Центар од 2007-та во Велес имало 83 куќи кои се под заштита на државата. Еден од нивните сопственици, Димитар Апасиев, кои живее во куќата на Аликара најдобро ја илустрира состојбата колку надлежните се ангажирани за овој проблем.

Во неколку наврати до Националниот Конзерваторски Центар во Скопје имам аплицирано со проект за заштита на нашата куќа, изградена во средината на 19-тиот век. Немам одговор на ниту едно мое барање – вели Апасиев. Од таму велат дека немаат средства за вакви проекти, иако потврдуваат дека куќата на Габерови е под заштита на државата.

Автентичната стара архитектура е присутна во повеќе градови во Македонија и таа е претежно во лоша состојба. За овој период работиме на повеќе такви објекти, но се судруваме со проблем на немање доволно средства, луѓе и време. Згора на тоа темпото со кое се работи на нивна реставрација е споро, така што максимално се вложуваме во рамките на нашите можности – рече Зоран Георгиев програмски директор во НКЦ.

Тој се пожали дека никој не се јавил од Велес да ги повика да видат каква е состојбата со изгорената куќа и дали можност нешто да се стори.

АНКЕТА »

Дали 8-то место на ФК Борец во Првата лига ги задоволи вашите очекувања?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »