речник контакт

Прифатена иницијативата за дислокација на Топилницата

Започна постапката за дислоцирање на велешката Топилница, откако Советот на општината ја прифати иницијативата на десетина невладини организации, членови на „Зелената коалиција“.

Петар Печков

Започна постапката за дислоцирање на велешката Топилница, откако Советот на општината ја прифати иницијативата на десетина невладини организации, членови на „Зелената коалиција“. Со неа се бара измена на Деталниот урбанистички план на дел од месната заедница Васа Кошулчева, на површина од 45 хектари, каде сега се наоѓа Топилницата и тој простор да се пренамени за станбени згради и мало стопанство.

- Ова е историски момент за велешани, бидејќи граѓанската иницијатива доби правна разврска. На просторот каде сега е Топилницата треба да се изврши деконтаминација со фиторемедијација, почвата да се исчисти од тешките метали. Тоа значи објекот да се дислоцира а каде ќе се носи и што ќе прават со него, тоа е обврска на неговиот иден сопстеник.

Велешани согласно Архускиот договор, чиј потписник е Македонија, имаат право за здрава животна средина - изјави Ненад Коциќ од ЕД Вила Зора.

Според законските прописи во наредниот период треба да се изврши изработка на ДУП, кој потоа ќе се најде на јавна анкета пред граѓаните, по што тој би се нашол повторно на седница на Совет. Крајниот збор ќе го има Министерството за транспорт и врски кое промените на ДУП треба да ги потпише. Причина за идејата за дислокација на Топилницата е нејзиното долгогодишно децениско влијание врз здравјето на велешани и загадувањето на животната средина.

Екологистите потсетија, дека поради нејзиното непрописно затварање, таа сега, пет години подоцна е извор на загадување со олово и кадмиум, кои се наталожени на зградите и објектот кои треба да се рушат. Со мнозинство гласови, иницијативата ја поддржаа советниците од СДСМ, ЛДП и ВМРО-Народна партија. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ бараа на овој простор во иднина да не се гради ништо и тој да остане зелен појас, поради што не ја поддржаа иницијативата. Пред чинот на гласањето, претставникот на  еколошката Зелена партија, Зоран Ѓуровски ја напушти седницата. Затоа пак неговата колешка до Социјалистичката партија ги разбранува присутните со неочекуваното откритие, дека Топилнцита не е загадувачот на Велес.

- Причинител за високите вредности и концентрации не е Топилницата, податоците што се презентираат не се веродостојни. Загадувач е друг причинител и мене како стручњак во оваа област познато ми е од каде тие доаѓаат - изјави Марина Мијајлевска, за подоцна да објасни дека Велес лежи на варовничко-седименти карпи а во негова близина има наоѓалиште на фероникел. Охрабрувачки тонови доаѓаат од Владата, која ги поддржува велешани во нивните желби Топилницата да се дислоцира.

- Ние ќе го почитуваме мислењето на велешани за овој проблем. Нема да има никакви решенија спротивни на интересите на граѓаните. Не смее да има повеќе експериментриање во Велес и долгогодишното загадување мора да прекине и да се најдат форми како да се прочисти почвата и регионот - изјави вицерпемиерот Зоран Ставревски, кој беше во посета на Велес.

За рестарт на велешката Топилница потребно е исполнување на три законски обврски и најмалку 20 милиони евра објасни директорката на Државниот инспекторат за животна средина, на трибината на граѓанската организација Мост, посветена на рестарот на Топилница.

- Потребна е еколошка ревизија за да се констатира дали таа може да се стави во фукнција. Потоа  е потребно изработка на студија во која  ќе се почитува и мислењето на граѓаните кои треба да кажат дали таа треба да проработи и третиот е издавањето на „А“ интегрирана еколошка дозвола. Ова се обврски за загадувачи кои не работат подолго од една година а Топилницата е затворена на 15 мај 2003-тата - изјави директорката Орхидеја Нечева Петрова завчера  на трибината одржана во Велес. Според неа за евентуален рестарт  потребни се најмалку 20 милиони евра и затоа нејзино лично мислење е дека треба да се разговара за тоа дали треба да се гради нова или постојната да се рестартира, за што конечното мислење треба да го дадат стручните лица.  

Екологистите од градот и натаму сметаат дека граѓаните на Велес треба да го одлучат за иднината на Топилница, повикувајќи се на Архуската конвенција како и уставното право на здрав живот и чиста животна средина и дека иницијативата на Советот на општината за промена на Деталниот урбанистички план ги одразува нивните ставови. На трибината учестуваа и двајца поранешни управители во МХК Злетово, Благој Кочов и Стојан Димовски, кои децидно се спротивставија на рестартот на Топилница на сегашната локација.

АНКЕТА »

Дали летово планирате да одите на одмор и ако одите каде?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »