речник контакт

Пријателството во 12-тата година е најважно

Пријателствата од детството се многу важни бидејќи претставуваат модел за подоцнежните блиски односи во животот. Се рабои за врски кои ќе го одбележат детството.

Петар Печков

Пријателствата од детството се многу важни бидејќи претставуваат модел за подоцнежните блиски односи во животот. Создавајќи чувство за припадност и поддршка, пријателите се како мост кој го спојува надворешниот свет со животот во семејството. Се рабои за врски кои ќе го одбележат детството.

Некои деца полесно склучуваат познанства, додека други деца малку потешко стапуваат во контакт со врсниците. Затоа вие сте тука да им помогнете да се социјализираат и да стекнат пријатели за цел живот.

Меѓутоа, понекогаш ви се чини дека вашето дете пребрзо ги менува најдобрите пријатели. Не се плашете, тоа се фази.

- Во текот на растењето детето природно минува низ неколку развојни фази. Во секоја од овие фази пријателството различно се третира.

Многу брзо по раѓањето, веќе околу шестиот, седмиот месец, детето покажува интерес за други деца, но тоа не може да се оцени како пријателство – објаснува Александра Јовановиќ Маѓар, психолог, психотерапевт и семеен едукатор.

Првите вистински пријателства доаѓаат дури подоцна.
- Дури кога ќе наполни три години детето почнува да покажува зголемен интерес за игра со врсниците. Меѓутоа, бидејќи детската игра е проследена со многу караници и неслоги, за децата од претшколска возраст својствено е лесно да ги менуваат пријателите – вели Александра Јовановиќ Маѓар и додава дека во тој период можно е детето да ви каже дека денеска најдобар другар му е Пера, а веќе следниот ден тоа да биде Урош, или Саша.

Нормално е да се скараат со пријателите, да бидат помалку толерантни и многу лесно да склучуваат нови пријателства, а по еден месец или два да се смират со стариот најдобар другар.

- Околу 12-тата година на детето пријателите му стануваат се поважни и дури на таа возраст се развиваат вистински пријателства кои по квалитетот значително се разликуваат од пријателствата во претшколска возраст – вели нашата соговорничка и објаснува зошто тие пријателства се многу важни.

Тие пријателства силно влијаат на развојот на сликата на детето за себе и на неговото самопочитување.
Како?

- Детето има потреба да припаѓа на група. Прифаќањето, т.е. неприфаќањето (отфрлување) на детето од врсниците, силно влијае на неговиот социјален и емоционален развој – вели психологот и наведува какви последици може да предизвика отфрлувањето на врсниците.

Деца кои се отфрлени од група стануваат жртви на агресија од врсниците, а можат и самите да почнат насилно да се однесуваат. Физичкото малтретирање е чест вид на агресија кој е типичен за машките деца, додека за девојчињата е својствено вербалното малтретирање (давање на погрдни имиња и потсмевање). Отфрлените деца често се осамени, имаат негативна слика за себе, негативен став кон училиштето и ниско самопочитување и затоа имаат послаб успех.

- Затоа се тука родителите да го препознаат тој проблем и да му помогнат на своето дете да се вклопи и да се снајде во новиот свет.

- Имајќи ги предвид последиците од неможност за воспоставување на пријателски релации на развојот на детето, улогата на родителот е значајна. Основните задачи кои стојат пред родителите се да го охрабруваат детето да се запознае и со деца надвор од одделението во основното образование, да развива контакти и со други деца, да го подучуваат како да ги решава несогласувањата со пријателите, како да прави компромиси и добро да се чувствува со нив – порачува Александра Јовановиќ Маѓар.

Адолесценцијата – критичен период

Во адолесцентниот период детето почнува да развива чувствителност кон другите, па поради тоа првпат во овој период детето е способно да гради цврсти и длабоки пријателски врски.

- Разочарувањето кое може да го доживее од својот најдобар пријател во некои случаи може екстремно трагично да заврши – со убиство, т.е. самоубиство – предупредува нашата соговорничка.

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »