речник контакт

Проверено еколошки чисти производи од Азот

Тиква тешка 30 кг, првокласен мед, здрави јаболка, крап од Бабуна.Ова се нудеше на Саемот на здрава храна во Оморани

Петар Печков

Земјоделски производи од здрава и недопрена животна средина беа понудени на 6-тиот Саем на здрава храна кој се одржа во селото Оморани, општина Чашка. Богомилско - Изворскиот крај од реонот на Азот изобилува со еколошки чиста храна. Иако таа се наоѓа на трпезите ширум Македонија, нејзините производители се малку познати во земјата. Токму поради тоа се организира оваа манифестација ,,Поблиску до природата,, за промоција на  производителите и одгледувачите. 

Накупците се најредовни наши посетители. Тие го знаат нашиот квалитет и затоа малку не има по пазарите, иако нашите производи завршуваат на тезгите во Скопје, Велес, Прилеп. Азот е познат како производител на квалитетни градинарски и сточарски производи. За жал малку од потрошувачите ова го знаат, бидејќи поголемиот дел од нашето производство накупците го откупуваат и го пласираат на пазарите во Македонија. Овој саем е можност и ние производителите на излеземе во јавноста од анонимноста и таа да не запознае – вели Јован Димовски.

Регионот на Азот, географскиот центар на Македонија и предел каде на  стотина километри радиус нема индустриски капацитет, е познат по  богомилски грав, потоа кромид и компир од Теово, Согле и Ореше, сирење и кисело млеко од Мартолци, Оморани.

Започнав да одгледувам крап  пред една година, поради природата, реката Бабуна, која е планинска и една од најчистите во Македонија. Да ја искористиме природата  и се што таа два и нуди, затоа се решив со овој засега мал семеен бизнис. Планирам здравје натаму да изградам повеќе базени  - вели   Рикардо Илиев  сопственик на рибник, одгледува крап.

Во подрачјето на Азот има ореви, бадеми и лешници, како и печурки - вргањ и шумски плодови - капини, малини,  шипки и боровинки. Дел од овие плодови во сушена форма заедно со повеќе видови чаеви имаше на штандовите но бргу се продадоа. Добрите климатски услови овозможуваат одгледување на пчели кои се хранат во чиста средина и  даваат квалитетен мед.

Педесет години сум земјоделец и многу е тешко да ја работиш оваа работа. Откако знам за себе сум со мотиката, таа е најтешка работа. За да произведеш една ваква тиква треба толку пот да пролееш. Ако дојдат да го купат годинашниот род, околу 500 кг  од селото арно, ако не ќе завршат како храна за стоката  – рече Трајче Дамјановски од село Оморани.

Тој понуди тиква тешка 30 кг и го даде рецептот за како да се одгледа толку тежок плод. Рече дека е потребно ,,многу, многу вода, природно арско ѓубре и квалитетна земја,,. Поради одличните услови за развој на полжавите и печурките, големиот македонски производител  на полжави, фирмата ,,Агролинк,,  нивната фарма ја  пресели од Велес во Чашка. Причина за преселбата е изобилството на чиста планинска вода од реките Тополка и Бабуна.

Целта на оваа манифестација, по која Азот е препознатлив е популаризирање на еколошки производи, но и можноста за нивен пласман и продажба. На тој начин жителите би останеле тука, ќе има деца а со тоа и училиштата од овој крај ќе продолжат да работат. Кога пред шест години за прв пат ја организиравме оваа манифестација целта ни беше да покажеме што се произведува во Азот. Сега кога Саемот станува традиција сакаме да ги вратиме  луѓето кои одамна ги напуштиле родните огништа - вели Нина Маркова директорка на училиштето ,,Петар Поп Арсов ,, од Богомила кое е  организатор на Саемот.

Произведувачите од овој крај и натаму се жалат на  слабото сообраќајно поврзување со регионалните центри, поради што имаат зголемени трошоци за транспорт, бидејќи единствен пат им е тој кон Велес.

АНКЕТА »

Како го минувате времето дома во полицискиот час?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »