речник контакт

Работници станаа жртви на измами во Сочи

Илјадници работници од Југоисточна Европа беа во Сочи за работа на изградбата на објектите за Олимписките игри, нешто што им звучеше како работа од соништата. Некои од нив, кога стигнаа таму, открија нешто поинакво

Петар Печков

Милан Вукелја минатото  лето замина да работи на олимпиското градилиште во Сочи, Русија, со соништа за редовна плата и сигурна работа. Но овој сон се претвори во кошмар два месеци подоцна, кога тој и 20 други мажи од Босна и Херцеговина (БиХ) и Србија беа депортирани поради нелегално работење.

„Имавме ветување од менаџерот на српската компанија за вработување ,Хеј ју‘ дека не одиме како нелегални работници, дека ќе имаме добри услови, храна и документи. Ништо од тоа не беше исполнето. Целата група работници беше уапсена и депортирана од Русија“, рече Вукелја, жител на едно село во близина на Приједор во БиХ, за SETimes.

На групата ѝ биле ветени околу 4.000 евра за два месеца работа, но досега тие добиле само мал дел од тоа.

Елена Крсмановиќ од српската НВО „Астра“ рече дека организацијата примила 20-ина јавувања од работници кои биле жртви во Сочи. Тие велат дека во Русија има околу 500 српски работници.

„Имавме некои случаи каде што жртвите се враќаа во Сочи бидејќи успеале да добијат дел од парите од своите работодавачи. Тие свесно повторно стануваа жртви, само за да добијат шанса да ги нахранат своите семејства“, рече Крсмановиќ за SETimes.

Околу 5.000 српски работници заминале за Русија во претходниве четири години. Најголем дел биле во Сочи, работејќи во лоши услови, рече Саша Симиќ, претседател на српскиот независен синдикат на градежни работници, за SETimes. Србија и Русија немаат договор за гарантирање на работничките права.

„Ја завршивме работата предвреме и баравме да ни се плати. Еден Русин дојде со пиштол. Личеше на лошите типови во гангстерските филмови. Ги земавме оние малку пари што ни ги даде и заминавме“, рече Саша Матиќ, невработен 41-годишник од градот Шабац во западна Србија, за „Ројтерс“.

Проблемот со лажните понуди за работа во земјите од ЕУ е толку голем, што полицијата во Бања Лука неодамна издаде јавно предупредување за луѓето да не им веруваат на разни организации.

Жртвите им плаќале на овие лажни организации стотици евра за надоместоци, но не добивале официјални визи или работни дозволи. Откако ќе ги добијат парите, „агенциите за вработување“ ги затвораат своите врати и не одговараат на телефоните. Жртвите тогаш стануваат дел од армијата малку платени работници со сомнителни дозволи.

Според едно истражување на групата за човекови права „Пур ла солидарите“ минатата година, во ЕУ има помеѓу 5 и 7 милиони работници без дозволи. Ако ги фатат, овие работници ги депортираат, а нивните работодавачи плаќаат високи казни.

Според Министерството за труд на Република Српска, невработеноста е голем проблем во БиХ.

„Приватизацијата на големите фирми ги остави работниците без работа и тие не можат да најдат друг ангажман. Многумина ризикуваат да работат нелегално во други земји, а потоа се депортирани. Исто така, ризикуваат да платат казна, но, во многу случаи, нивните плати се недоволни истата да ја покријат“, рече кабинетот на министерот Петар Џокиќ, за SETimes.

Борис Пупиќ, портпаролот на Агенцијата за работа и за вработување на БиХ, рече дека нема процена за тоа колкумина работници од БиХ се нелегално во други земји.
Поврзани написи

Недостигот на капацитети е предизвик за спортистите на зимската Олимпијада


„БиХ има договор за вработување со Словенија, а со Германија за вработување на медицински персонал. Ништо друго не е регулирано. Помалку е веројатно работодавачите да ангажираат граѓани на БиХ за вработување, бидејќи знаат дека ние сме обврзани да ги проверуваме условите за нашите работници. Затоа, најголемиот дел од работодавачите во ЕУ кои бараат работници од БиХ вклучуваат приватни агенции за вработување“, рече Пупиќ за SETimes.

Во случајот на Вукелја и другите работници од групата во Сочи, сопственикот на агенцијата што ги испрати во Русија, Душан Кукиќ, беше уапсен и обвинет за трговија со луѓе.

Вукелја сè уште чека на неговата плата.

текстот е преземен од  Southeast European Times

АНКЕТА »

Велес е еден од малкуте градови во Македонија, кои немаат пешачка зона во центарот на градот. Дали сте за улица 8-ми септември од Сармаале до споменикот на Илинденците да биде затворена за сообраќај а тој дел пешачка зона?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »