речник контакт

Рождество Христово - Божик 7 јануари

Името Христос е превод на еврејското Месија, што значи Помазаник. Исус Христос на човештвото му ја даде силата и власта да ги победи гревот и смртта. Именден празнуваат: Богоја, Христо, Божин, Ристо, Христина, Ристана,

Петар Печков


 Овој Помазаник, овој Христос, на луѓето им бил ветен уште од времето на Адам. За него пророкуваа многу еврејски пророци, а неговата појава во тоа време ја очекуваа и многу други народи. Пророците го прорекоа како времето кога ќе се роди, така и местото Витлеем. Во тоа мало гратче во Јудеја, денешен Израел, се роди Исус, наречен Хри¬стос, т. е. Помазаник, и тој беше исполнување на пророштва¬та. Подоцна се откри и стана позната низ целиот свет надум¬ната тајна на неговата богочовечка личност. Заради тоа Христос  го нарекуваат  спасител.


Божик спаѓа меѓу најголемите христијански празници, зашто на тој ден се празнува раѓањето на Спасителот Исус Христос. Колку овој ден е важен за човештвото се гледа и по тоа што тој е земен за клучен датум, односно камен темелник, за пресметување на времето па така имаме стара и нова ера што значи време пред и по раѓањето на Исус Христос.

Овој празник е наречен и матица на повеќе празници бидејќи да не бил овој празник, што значи да не се родел Исус Христос немало да има ниту негово крштевање, (значи немало да го има празникот Водици), немало да има ниту Распетие и Вокресение (Велигден) ниту Вознесение (Спасовден), немало да постојат ниту празниците Духовден, Преображение, Крстовден и тн.

Евангелските текстови сведочат дека римскиот император Август издал заповед да се изврши попис на населението во империјата. Секој требало да биде запишан во градот на своите дедовци. Палестина тогаш била во рамките на Римската империја поради што и праведните Јосиф и Света Дева Марија тргнале од Назарет за да се запишат во Витлеем бидејќи биле од родот Давидов. Кога пристигнале во Витлеем за нив немало место во гостилниците и куќите поради тоа што во градот имало многу народ дојден заради пописот. Некои добри луѓе сакајќи да им помогнат ги упатиле во една пештера во близината на градот каде што пастирите во невреме ги засолнувале овците и козите.

Ноќта силна светлина ја исполнила пештерата, но и околните ридови, потоа Света Дева Марија го родила својот Син првенец, го повила и го ставила во јаслите. Силната светлина ги исплашила и пастирите што со своите стада ноќевале на отворено на околните ридови, но веднаш потоа ангелот Господов ги утешил и предупредил јавувајќи им ја радосната вест. Веднаш потоа хорот на ангелите ја запеал песната: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја”! (Лука 2/14)

Пастирите веднаш отрчале во пештерата каде што ги нашле Марија и Јосиф со Богомладенецот, му се поклониле, а потоа низ градот разгласиле за раѓањето на Спасителот. Веднаш потоа кај првородениот син на Света Дева Марија пристигнале и тројцата мудреци од исток на кои што за раѓањето на Спасителот им соопштила необичната ѕвезда на небото која што и ги довела до пештерата движејќи се пред нив кога тие оделе и која што стоела кога тие одморале.

„И штом влегоа во куќата, го видоа Младенецот со мајка Му Марија и паднаа, па му се поклонија; а кога ги отворија своите ковчежиња, Му принесоа дарови: злато, ливан и измирна. (Матеј 2/11) Овие дарови требало да претскажат дека новороденото дете е во истовреме човек (измирната), Бог (ливанот-темјанот) и Цар (златото). Во првите три века не се празнувало раѓањето Христово. Причина за тоа бил христијанскиот поглед на човековиот живот кој не му придавал многу значење на телесното раѓање на човекот туку на неговото духовно раѓање  (крштевањето).

Поради тоа раѓањето и крштевањето на Исус Христос се празнувало заедно на 19  јануари Богојавление / Водици, а тоа било ден кога се празнувале повеќе спомени. Подоцна кога човековиот живот почнал повеќе да се цени, се јавила потреба за празнување и на денот на телесното раѓање, а не само на духовното  (крштевањето) и на телесната смрт, раѓање за вечен духовен живот. Но и од практични причини се јавила потребата денот на раѓањето на Исус да се празнува одделно од денот на неговото крштевање бидејќи верниците не можеле во исто време да бидат и кај Витлеемската Пештера каде што се празнувало раѓањето и на реката Јордан каде што се празнувало крштевањето.

Иако обичаите што се изведуваат на Бадник и Божик во некои детали меѓусебно се разликуваат од регион до регион, па дури и од село до село, сепак во основа се изделуваат неколку заеднички елементи, како што се богатата софра, што се подготвува на Бадник навечер, потоа коледарскиот оган заедно со дрвото Бадник  проследена со многу коледарски песни.

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »