речник контакт

Саем на здрава храна во село Согле

Под мотото „Поблиски до природата“ во велешкото село Согле во еколошкиот регион на Азот по четврти пат се одржа Саемот на здрава храна.

Петар Печков

Органски здрава храна одгледана во регионот на Азот, се понуди четврта година по ред на Саемот кој  привлече бројни гости кои дојдоа да купат квалитетни но и ефтини земјоделски и сточарски производи. Тие се одгледани во ,,зелениот рај,, на Централна Македонија, каде нема индустриски капацитет а течат планинските реки Бабуна и Тополка .

На манифестацијата именувана ,,Поблиску до природата,, се понудија мед, ореви,  богомилски грав, теовски компир, чај, сирење, печурки, кој бргу се потрошија. Два автобуси гости од Велес, специјално за настанот допатуваа во селото Согле, не дозволија понудените производи долго да останат на планинското сонце кое припекуваше, го одврзаа кесето и ги испразнија штандовите.

Доаѓам секоја година, бев на сите четири саеми. Има продукти кои се проверено  еколошки и квалитетни, пред се со прифатливи цени. Затоа доаѓам и од тука пазарам. Им го препорачав настанот на моите пријателки е еве тие дојдоа годинава во голем број на пазарење во Согле и не се покајаа. Се враќаме со полни торби – вели велешанка која купи  се што и е потребно за неколкудневна подготовка на домашното мени.

Годинава манифестацијата се одржа завчера  во селото Согле,  каде домаќинките македонки и албанки, понудија бројни локални специјалитети. Тие ја почитуваа вековната традиција и повеќе од педесет јадења се најдоа на трпезата, подготвени од вештите раце на жителките на селото. Згора на се, јадењата се подготвени од еколошки чисти продукти.

Подготвивме јадења кои ги научивме од нашите мајки  а ние како млади невести ја продолжуваме традицијата. Нашето село е  етнички мешано, што овозможува да понудиме различни јадења кои не спојуваат.  На масата има бакрданик, зелник со коприви, валанги, кои се заедно  со векови се присутен кај нас. Употребуваме  земјоделски производи кои се одгледани со арско ѓубре,  не се прскани, така што тие се здрави и квалитетни. Се што јадеме е произведено од нас самите - вели Добрица Павловска од селото Согле. 

Таа заедно со нејзината пријателка  Зумрета Шаќировска се грижеа трпезата да биде добро аранжирана и да има  за сите да вкусат од локалните јадења. Ги поканија гостите  кои сакаат да го посетат селото, тука можат да го видат шест векови стариот манастир  Св. Богородица и пет векови старата  Џамија. Ловџиите пак тука, во околината,  можат да ловат зајак и дива свиња. Нив ги имаше на трпезата, која бројните гости бргу ја ,,исчистија,, . Меѓу нив беше и Министерот за земјоделие Љупчо Димовски кој се реши да купи мед и чај, вели дека потекнува од овој крај и знае дека оваа храна е квалитетна. Саемот го посети и американецот Метју кој две години живее во Македонија.

Ова е добар настан кој го покажува духот на малите села, но и можноста нивните жители да покажат што нудат за гостите од земјава но и надвор од неа. Има што да се види  и купи – изјави Метју Шабол кој беше гостин и на ланската манифестација  кој се одржа во соседното село Теово. За промоцијата на регионот на Азот пред  присутните беа претставени и народните носии од селата Владиловци, Мартолци, Ореше, Извор. 

Саемот е во организација на ОУ Петар Поп Арсов од Богомила и општина Чашка и има хуманитарен карактер, собраните средства од продажбата на производите се наменети за обнова на локалното училиште. Тој ги промовира и локалните земјоделци и нивните производи. Градоначалникот на Општината Горан Пановски најави дека ќе продолжат со промоцијата на овие  органски производи, кои се бараат се повеќе на пазарите.

АНКЕТА »

Дали користите велосипед во Велес?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »