речник контакт

Свадбени обичаи од Велес, пред 70 и кусур години

оти во тоа време кумот не како сега да носи шпорети, да носи фрижидери, ами се носи една тепсија бакарна, во бакарната тепсија стојат две чинии: едната за момчето, едната за невестата, по една филичка, по една лажица

Петар Печков

Татко ми бил кум на триесет и шест места во градот. Сите го викале затоа што бил многу дарежлив, дарежлив бил, ама бил секретар во судот, секретар во Општината, како правник дипломиран правник, он у Цариград дипломирал. А како се викал? Милан Андов. Градот го знае и помладите го знаат уште. Имаше едно време една емисија на телевизија, го даваа... еден од кумашините наши го даваше како случај, како е на триесет и шес места кум, а го викале...

оти во тоа време кумот не како сега да носи шпорети, да носи фрижидери, да носи такви дарови, ами се носи една тепсија бакарна, во бакарната тепсија стојат две чинии: едната за момчето, едната за невестата, по една филичка, по една лажица, нож не-знам дали имаше... И трета чинија – леблебија со јатма-шеќер, шарени едни шеќерчиња, не го знајш ти јатма-шеќер се викаше тоа, го правеа... Јатма? Јатма – шеќер се викаше, леблебија со јатма-шеќер...

и покриено со терзув црвен, мора да биде црвен терзувот, тоа е како шамија една... како се викаат вие шо се зимаат од аптека, гази, како газа, танка, проѕирна ама црвена мора да биде четвртаста... Се покрива и коа ќе оди кумот као кум канет, ќе дојдат да го викнат од-дома со чалгија, со чалгија машко дете ќе го носи на глава, свирката е напред, машко дете на глава ја носи тепсијата, кумот со кумовата тајфа, се вика кумова тајфа шо ќе си ги одбере кумот од фамилијата или некои пријатели ќе одат на венчавање.

Таму кога се носи, се носи право у цркфа. У црква па тој пречек има па посебни моменти... Свекрвата ги чека младенците за да ги префрли со шеќер и со жито за да бидат плодни и на враќање пак ќе ги фрла со бомбони па кумата... И дома па веќе има друг настан... Татко-ми бидејќи свиреше на мандолина и пееше многу убаво, он беше многу весел човек, на свадбите даваше посебно расположение...

Се сеќавам, бев мала, не-знам дали бев второ или трето одделение, татко-ми – кум во фамилијата на Кузеви. Кузеви е позната фамилија во градот, Љубе Кузев почина поодамна. И, се сеќавам јас невестата... трпеза наместена во една соба, празна мора да биде, трпезата, на трпезата се става јадење – како што требало да биде во тоа време, обавезно јанија ќе биде со месо, со компири, а не како сега печива, може само кокошка да има печена...

Се јаде и се пее и се пие се додека... јадењето не-смее да почне додека кумот не даде наредба.. Значи прво ќе се прави мане од чалгијата во едно ќоше, а у другото ќоше невестата мора да стои и да гувее, се вика „гувеење“. Она со рацете се исправена стои и она е мирна, не зборува ништо, само гледа и слуша. Коа ќе даде знак кумот да се јаде – ќе се јаде. Невестата тогаш се повлекува у друга соба, дента она нема да јаде, не смее да и се даде, коа ќе и дадат, дури вечер ќе јаде.

Бидејќи – татко-ми ногу весељак, правел... се прават разни... вака весели работи и татко-ми дава наредба да се донесе една стомна, стомна полна со вода, стомната ќе биде нова. У тоа време ги правеа пошироки тие рачките, вака свиткани на стомната, две рачки. И татко ми дава заповед да свири чалгијата некоа посебна песна негова шо е... мераклиска и на младожењата му вика: „Качи се на стомната!“

И сега се чуди он како ќе се качи на стомнава, мора да застане на стомната, не смее никој да му помогне... И он сеа со едната нога не-може ако застане со едната нога: ќе се преврти стомната на таа страна, или со другата... Мора да рипне. Ако тоа го направи он је способен веќе да биде маж. Тоа бил еден вид адет, тестирање едно. И, арно-ама, ваму-си, таму-си, можам-не можам некој можда ќе му помогне и Љубе се најде на стомната, ја како паметам како дете.

Љубе се најде на стомната да стои... И веќе назад го придржуваат од другарите, од домашните она стои, вика: „Браво!“ – и чалгијата пишти, песна се пее, се ори, тоа јачи дури одзева градот... Она живееја под црквата „Свети Пентеле“ се слуша накај „Свети Спас“ црквата од другата страна на реката. Чалгијата... Посилно и посилно, отворени пенџериња да се слуша оти момчето е способно да биде маж...

(Галаба Петрова, 1926)

Татко-ми се оженил го Ѓевѓелија и татко-ми и мајка-ми биле голема фамилија. Татко-ми биле девет браќа и сестри, мајка-ми седум браќа и сестри, така да имам, да не претерам ама четириесетина први братучеди само. А башка фнуци од први братучеди, башка тоа... и коа праиме свадба или нешто само први братучеди канам и цела свадба е тоа...

А кажете ми како се праеле свадбите порано? Па порано свадбите у Велес и општо, да не кажам, у сите помали места у Македонија, се праеле дома. Тоа ногу души излеа Ви го кажале. Ја коа се женев, немаше во ресторан свадби, не праеше никој, дома се правеја. Од средата ли, кога почнуат, тоа шо се месело, па до понеделник се праеле, до тоа блага-раќија... Па се одело на други места по невеста, кој можел со коли – со коли, кој со возови, со ошто можеле...

Обичаите скоро секаде биле исти, мислам адетите биле различни, меѓутоа, нели, на ист начин се праело свадба. А музика? Музика, чалгија обично, Велешката чалгија била прочуена, тогај за свадби. Обично сите со чалгија праеле свадба тогај, немало тие класични музики. Премда, за-мене коа праел татко-ми можда имало и друга музика, ама татко-ми со тоа мислење дека чалгија треба да биде на свадба и тоа било.

Па ќе се собираат, на два-три-пати ќе се руча, ќе се јаде, не може у две-три-соби кој попрвен, шо попрвен... А шо се готвело? Манџа, у помалите, обично места секојпат се готвело течна манџа, казан. У тоа било предноста шо имало повечку месо, меѓутоа така било адет да се зготви...

(Ангел Анѓушев, 1941)

Свадбата, велешката свадба ја праеја цела недела: од средата од квас потфаќање, па петокот погача кај момчето, па у саботата кај женската, неделата, па понеделникот – видокот, со благо коа доаѓаат откај машката страна кај девојчето. Дома порано се праеле свадбите, по дворовите, по собите, така... Интересен адет: коа те пречекуе свекрвата ти дава два леба под мишка и шеќер на главата, да бидеш блага и после шеќерот го фрлаат на ќерамидите, а со лебот па, у кат те фнесуат и така, тоа је обичајот...

А за чалгијата да ми кажеш, за велешката чалгија... Велешката чалгија је една од прочуените чалгии, така да немаше свадба шо се праеше дома, а па да нема чалгија. И чалгијата, освем шо ќе свири, да речеме, у петокот или у саботата кај девојчето и недела се оди со чалгија по невеста. Прво се оди кај кумот, па после по невестата и по улица со чалгијата, ја и телевизијава имат... После ја носат невестата кај момчето, играње и после остануе кај момчето чалгијата, другите си се враќаат и така...

(Султана Здравкин, 1933)

Од книгата „Така се зборува во Велес“ на авторот Снежана Петрова – Џамбазова, Скопје 2007 г.

АНКЕТА »

Дали имате доволно време да му посветите на Вашето дете/деца?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »