речник контакт

Свети Наум Охридски - Чудотворец 3 јули

Исцелител и просветител на македонскиот народ

Петар Печков

Свети Наум е најблискиот соработник на свети Климент, првиот словен­ски епископ. Во делото на просветувањето на Словените со евангелската вистина тој учествуваше како учител, а потоа и како свештеник. Десетина години пред смртта го основа манастирот посветен на светите Архангели на Охридското езеро.

Овој манастир е денешниот Св. Наум. Свети Наум се претстави пред Бога околу 910 година, на 23 декември (по јулијанскиот кален­дар). Со оглед на тоа што тој ден паѓа во пост, за поторжествено празну­вање на неговиот спомен, уште од старо време Охридската Архиеписко­пија го установи неговиот празник за време на летото, на денешен ден.



Ако свети Климент Охридски остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот не само на пишување и читање, туку и на други корисни работи, свети Наум остана запаметен како чудотворец, со моќта да лекува и за време на животот и по смртта, да лекува од најразлични болести и луѓе од разни вероисповеди, односно сите што искрено и со верба му се обраќале без разлика на вера и народност.

Но свети Наум остана запаметен и по заштитата на манастирот, по наградувањето на оние што со добра мисла доаѓале во кругот на манастирот и казнувањето на оние што иделе со намера да направат некоја штета, да го испоганат објектот или да го навредат светителот. Култот на свети Наум зрачел на поширок простор не само во охридскиот крај, туку и во преспанскиот, па дури до Корча, каде што манастирот имал свои имоти. Но култот кон свети Наум бил раширен и во Унгарија и Романија каде што имало иселеници од овие краишта.

За животот и дејноста на Свети Наум Охридски малку се знае, иако со Свети. Климент Охридски се најпознатите и најзначајни ученици на Светите браќа Кирил и Методиј. Се знае дека учествувал во Моравската мисија, дека во Рим кон крајот на 867 или почетокот на 868 бил посветен во духовен сан и дека по смртта на Методиј во 885 година преку Бугарија дошол во Македонија. На брегот на Охридското езеро основал манастир што го носи неговото име. Умрел во 910 година и наскоро по смртта бил прогласен за светец. Неговите ученици за него напишале житија и служба.

Свети Наум освен по црковната дејност е познат и како македонски средновековен писател и културен деец. Од неговите творби, за кои се претпоставува дека се повеќе, откриено е химнографското дело „Канон за апостолот Андреј”, а се знае за  уште други два канона напишани од него: „Канон на Архангел Михаил”, и „Канон за пренесување на моштите на Јован Златоуст”.

Во житието на Свети Наум се вели дека тој е брат на Свети Климента.  Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на брат во духовна смисла - собрат, но повеќемина се убедени дека Климент и Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православието епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »