речник контакт

Свети великомаченик Георгиј Победоносец Ѓурѓовден 6 мај

Именден празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка и др.Празник на обновувањето на природата и на животот воопшто

Петар Печков

Празникот на светиот великомаченик Георгиј познат како Ѓурѓовден се празнува на 6 мај. Тој се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и целото население во Македонија што од друга страна значи дека во неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.

Житието вели дека св. Георгиј е роден во Кападокија во Мала Азија од богати, но чесни и побожни родители. Уште во детството останал без татко и мајка му заедно со него се преселила во Палестина каде што била родена. Тамо го минал детството посетувајќи ги местата во кои Исус го проповедал своето учење и се стекнал со образование. Бил висок, убав и храбар поради што добил висока служба во војската. На 20 годишна возраст добил чин трибун, а подоцна императорот Диоклецијан го поставил за член на државниот совет.

Подоцна кога умрела и мајка му целиот имот им го поделил на сиромашните. А кога Диоклецијан започнал жестоки прогони против христијаните св. Георгиј му се спротивставил, ги зел во заштита неправедно прогонетите и самиот признал дека верува во Господ Исус Христос. Тоа го разбеснило императорот кој наредил веднаш да биде затворен и да биде подложен на најжестоки измачувања со цел да се откаже од своето верување.

Но св. Георгиј не би бил Победоносец ако не бил толку истраен во своето убедување. Легендата вели дека ноќта пред да оди кај царот му се јавил Исус, на главата му ставил победнички венец и го охрабрил да издржи ветувајќи му дека наскоро ќе го земе кај себе.

Врз св. Георгиј се применети најсурови мачења за да се откаже од својата вера кога на императорот му рекол дека не е само негов туку и Исусов војник. Бил положен на грб нозете му биле ставени во клада, а врз него турнале голем камен. Подоцна го ставиле на тркало под кое имало шајки кои му го парале телото. Кога и тоа не го поколебало го тепале со воловски жили, го ставиле во дупка полна со негасена вар  и турале вода, му облекле усвитена облека, три дена го држеле закопан во земјата само со главата над земјата, најпосле му дале да испие отров, но и тој не дејствувал поради што му ја отсекле главата.

Гледајќи ги овие страдања на св. Георгие, но особено брзото оздравување на раните и преживувањето на отровот, жената на Диоклецијан Александра го прифатила христијанството поради што била осудена на смрт. Одејќи кон губилиштето таа се помолила на Бога и веднаш ја предала душата.

На иконата Св. Георгиј е претставен како војвода на коњ како со копје убива ламја која е под копитата на коњот. И според легендата Св. Георгиј ја убил ламјата што на народот му правела голема штета. Во позадината се гледа женски лик. Тоа е царицата Александра.

Свети Георгиј бил убиен на 6 мај 290 година и на овој ден секоја година се празнува споменот на великомаченикот. Освен овој празник нашиот народ празнува уште два празника посветени на овој великомаченик и тоа на 3 12 денот кога е обновен храмот на св. Ѓорѓи, празник на познат како Ѓурѓиц и на 26.XI. Празник познат под името св. Георгиј Посен.

Во животот на нашиот човек со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината што трае до Митровден. Затоа во една македонска народна пословица се вели: „Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден”. Кај нашиот народ на Ѓурѓовден се главуваат момоци, овчари, козари, говедари, потоа селски одборници, полјаци, протуѓери и сл. Заедно со тоа луѓето се подготвуваат за периодот што следува и што е исполнет со многу работи. Човекот му се радува на оживувањето на природата, никнувањето на есенските посеви, на разлистувањето на овошките, на раззеленувањето на гората и на обновувањето на вегетацијата воопшто, бидејќи тоа значи и негова егзистенција.

Многубројните и разновидни обичаи што се изведуваат на Ѓурѓовден оние со билките, оние што го опеваат разбудувањето на природата, радоста поради враќањето на природата и сл. упатува на сознанието дека Ѓурѓовден е пред се сточарски и земјоделски празник, а Свети Ѓорѓија е воспеан како небесен клучар кој, како што се пее и во  песните, ја отвора земјата, ја пушта росата за да биде топло летото и бујно житото.

АНКЕТА »

Како ќе ја помните годината зад нас, 2019-та?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »