речник контакт

Свети три светители, 12 февруари

Еден празник за тројца светители. Покрај тоа што си имаат и посебни празници светите Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст имаат и еден заеднички празник.

Петар Печков

На 12 февруари   се  празнува празникот на тројцата светители: св. Василиј Велики, св. Григориј Богослов и св. Јован Златоуст. Многумина не знаат за кои светители станува збор но знаат дека тоа се значајни личности што страдале за Христовата вера.

Христијанската црква, на овој ден заедно го празнува споменот на св. Василиј Велики, св. Григориј Богослов и св. Јован Златоуст, иако тие си имаат и посебни празници. Овој празник е востановен во 1084 година во Цариград. Епископот Јован го одбрал овој ден бидејќи тројцата светители имаат празници во јануари: Василиј Велики на 1 јануари, Григорије Богослов на 25 јануари и Јован Златоуст на 27 јануари (сите според стариот календар по кој тогаш се сметало времето). А причината за востановување на овој заеднички празник е следнава: Во втората половина на 11 век за време на царот Алексеј I Комнен во Цариград настанал спор меѓу населението кој од тројцата светители е позначаен: св. Василиј Велики, св. Григориј Богослов и св. Јован Златоуст.

Народот се поделил на Василевци, Григоровци или Јовановци. Тогаш тројцата светители најпрвин секој одделно, а потоа и заедно му се јавиле на епископот Јован епископ Евхаитски, и тоа не на сон туку на јаве, и му рекле: „Ние сме еднакви пред Бога, како што гледаш меѓу нас нема поделби ниту било какви меѓусебни спротивности. Секој од нас одделно во свое време поттикнат од божествениот Дух, напишавме соодветни поуки за спасение на луѓето. Тоа што го научивме тајно, на луѓето им го предадовме јавно.

Меѓу нас нема ниту прв, ниту втор. Ако ти се повикаш на едниот со тоа се согласни и другите двајца. Затоа заповедај им на оние што се расправаат поради нас, да ги прекинат кавгите, зашто како и во животот така и по смртта, ние се грижиме за тоа краевите на вселената да ги сведеме кон мир и согласност. Имајќи го ова во предвид, соедини го во еден ден нашиот спомен и како што ти прилега, состави ни празнична служба и дај ја на другите, за да имаме еднакво достоинство пред Бога. И ние, на тие што го почитуваат нашиот спомен ќе им бидеме помошници при спасението, зашто се надеваме дека имаме некоја заслуга кај Бога“. Кажувајќи му го тоа на епископот тие почнале да се креваат кон небото, светејќи со неискажана светлост и повикувајќи се еден со друг по име.

Епископот Јован веднаш го собрал народот, им раскажал за средбата со тројцата светци, го востановил празникот и наредил да се празнува свечено, притоа напишал и пофално слово за овој празник.

Но кои биле тие тројца светители и со што заслужиле да влезат во календарот на Светата Христова црква?

Свети Василиј, наречен Велики, бил најславниот владика во градот Кесарија Кападокиска. Роден е во Неокесарија околу 330 година (според некои 329 г.) од побожни родители. Татко му, кој исто така се викал Василиј бил учител по беседништво - оратор и адвокат, а мајка му се викала Емилија. Во 345 година заминал на школување во Кесарија Кападокиска, а во 352 година во Атина.

Овде соученици и другари му биле Григорие, подоцна наречен Богослов и Јулијан, внукот на Константин Велики, кој најпрвин бил христијанин, а подоцна го напуштил христијанството, станал цар и ги прогонувал христијаните, поради што е познат по прекарот Отстапник. Василиј по завршувањето на школувањето на околу 30 годишна возраст се вратил во родното место, станал учител, подоцна примил свештенички чин и бил проповедник во црквата. Бил многу популарен поради што тогашниот владика многу му завидувал.

Тоа било причина Василиј да замине во пустина. За време на престојот во Александриската пустина се сретнал со Свети Атанасиј Велики, кој бил протеран од Ариевците. Во тоа време било силно ариевското движење и цариградскиот цар Валент, кој ги поддржувал овие еретици сакал да им ги предаде сите цркви. Во Кесарија немало личност која со својот авторитет можела да му се спротивстави на ова движење, но и на царот Валент. Таква личност бил само свети Василиј, кој по смртта на кесарискиот владика се вратил од пустината и бил поставен за владика Кесариски. Бил многу популарен меѓу народот и многу лесно луѓето ги придобивал за христијанската вера, поради што бил наречен втор Павле.

Особено успешно се борел против Ариевците поради што го навлекол врз себе гневот на царот Валент, кој се обидувал да го убеди да се откаже од архиепископскиот престол за да може да постави некој од Ариевците. Му се заканувал со протерување и смрт, но и тоа не го исплашило и поколебало свети Василиј. А кога и лично го повикал и му се заканил Свети Василиј му одговорил: „Од прогонство не се плашам зашто секаде е земјата Господова. Имот не може да се одземе од оној што нема ништо повеќе од неколку стари мантии и книги. Од смртта не се плашам зашто како што гледаш скоро и да немам тело. Еден удар е доволен да ме уништи, но смртта само ќе ми го забрза одењето кај Бога, поради кого самиот умрев и одамна се стремам кон него.”

По ваквиот одговор царот го оставил свети Василиј и тој до крајот на животот бил архиепископ Кесариски. Умрел на 1 јануари (според стариот календар) 379 година (според други 389 година) на 50 годишна возраст.

Свети Василиј Велики е значаен и како писател. За време на престојот во понтиската пустина ги составил монашките правила. Кога бил архиепископ во Кесарија градел болници и училишта, а самиот живеел скромно поради што бил многу популарен. Поради тоа што свештениците литургијата ја служеле различно тој ја скратил литургијата на Св. Јаков и напишал т.н. „Василева служба” која до денес се служи во првите пет недели од Велигденските пости, потоа на Велики четврток, Велика сабота, на денот на Св. Василиј, спроти Божик и Богојавление, а понекогаш и на Божик и Богојавление, што значи десет пати во годината.

Споменот на Свети Василиј Велики Светата Христова црква посебно го празнува на 1 јануари според стариот календар, и заедно со двајцата други светители (св. Григориј Богослов и св. Јован Златоуст) на 12.II./30. I.

Во времето кога живеел св. Василиј Велики живеел и св. Григориј Богослов. Бил негов другар и исто така бил многу популарен. Григориј на грчки јазик значи вреден, буден, бодар. Роден е во 329 година во градот Назајанз во југозападна Кападокија. Татко му бил владика (тогаш владиките се женеле) и во родниот дом ја стекнал првата љубов кон образованието. Учел во Кесарија, Александрија и Атина, каде што се запознал со св. Василиј Велики.

Оттука дошол во градот Сосим каде што бил избран за епископ, а подоцна и во Цариград каде што во 379 година станал патријарх. На оваа должност останал 12 години и многу придонесол за засилување на православието. Потоа дошол во селото Арианз во Кападокија каде што ги напишал главните свои дела. Поради големото богословско образование бил наречен Богослов. Умрел на 25 јануари 390 година и на овој ден секоја година светата црква го празнува неговиот ден. Денес главата му се наоѓа во Москва, а другиот дел од телото во Рим.

Освен Свети Григорј Богослов во Цариград бил познат и популарен и Свети Јован Златоуст. Роден е во Антиохија во 374 година. Во раните денови од детството му умрел татко му и мајка му го дала на училиште. Сакал да се закалуѓери и тоа го направил по смртта на мајка му кога отишол во еден манастир во близината на Антиохија. Потоа бил избран за патријарх цариградски каде што се прославил со убави беседи поради што бил наречен Златоуст. Напишал многу дела меѓу кои е и литургијата што се служи преку целата година позната како „Златоустова литургија”.

За Свети Јован Златоуст убави беседи држел неговиот ученик и наследник на епископскиот престол во Цариград Свети Прокл, кој меѓу другото рекол: „Никој не може како што заслужува да го пофали Јована, освен ако сега се појави еден таков Јован”. Тогаш народот почнал да го моли коските на Св. Јован Златоуст да бидат пренесени во Цариград. Познато е писмото што цар Теодосија ИИ му го напишал на св. Јован Златоуст како да е жив, соопштувајќи му дека ќе го пренесат во Цариград, за што испратил и брод. Моштите на св. Јован Златоуст во Цариград се пренесени на 9. II./27.I. 438 година и овој ден Светата Православна Црква го одбележува секоја година.

Свети Јован Златоуст умрел на 14 септември 408 година но бидејќи на овој ден се празнува Воздвижение на чесниот крст (Крстовден) празникот на Св. Јован Златоуст е пренесен на 26/13 ноември.

АНКЕТА »

Каде одмарате летово?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »