речник контакт

Семејството В`чкови, велешки пајтониџии

Копитата на коњите од пајтонот, светеа како чевлите на газдите

Петар Печков

Само сликата од календар од далечната 2001-ва година е споменот на  Димче  В`чков за тоа дека неговите предци биле првите пајтонџии во Велес. Се што  имале  од пајтоните,  па дури и фотографиите е исчезнато. Но сеќавањата на осумдесет и две годишниот  старец се свежи и за него, навраќањето во минатото е драг спомен. 

Мојот татко  Тодор  и чичко ми Ганчо први донеле пајтон во Велес. Парите ги добиле од нивниот брат Андреја,  кој живеел во Америка. Ги купиле од Нови Сад, два пајтона и четири коња и со воз ги донеле до Велес. Тогаш низ градот минеле железница. И биле вистинско чудо, пајтонот стасал во градот. Коли немало. Тоа било некаде после 1920-тата година – се присетува  Димче.  

Како единствен доказ за семејната работа на В`чкови е пожолтениот лист  од  календар каде е неговиот чичко Ганчо фотографиран на пајтон. Се што било домашна документација е  изгубено а фотографиите разграбени и невратени. Помни дека нивните два  коњи  биле  со име Олга- сивиот и црвениот по име Дечко. 

 Чичко ми е сликан на стојалиштето наречено Пјаца. Тоа денес е кај стара аптека и Градскиот саат. Тука се паркирал и од  тука возеле каде треба. Право да ти кажам од тоа сме живееле, така не изгледале, не  израснале. Имало  значи работа, не за кој знае што, ама имало. Едно време коњите умреле, па вториот пајтон го продале. Се менувале времињата –  вели В`чков.  

Патниците се возеле најчесто до Болница или до Железничка станица, тие биле подалеку од градот. Адвокатите пак оделе по селата, Војница,  Ораовец каде имало потреба  често се случувало наместо со пари, да се вратат со вреќа емиш или зарзават.   Најчесто трговците се возеле во пајтоните. Во еден пајтон можеле да се возат четири лица евентуално уште еден од страната пет. Интересно е што анамите, освен што биле забулени со фереџе, се возеле и во затворен пајтон.

Анамите се возеле во Ландон, тоа  е  марка на пајтон. Релацијата била  од Црна џамија до Дворови. Тој бил затворен оти превезувале були да не се гледаат, ама тие можеле од внатре да гледаат кој мине по улица. Имале доверба во татко ми Тодор па го бареле тој да ги вози нивните жени и ќерки – објаснува Димче.  

Престанеле да работат 1947 -ма година, та татко му се вработил државна работа. По нивниот пајтон дошол  актерот Петре Прличко да го земе за театарот во Скопје. Го добил за без пари а по некое време платил и некој динар. И така завршил последниот велешки пајтон. Пајтони кон крајот на 30-тите години имале и Димче Пљкот, Аџи Тоневи, нивните биле полуксузни.  Пајтони имале и Тоде Сутин,  Драскачот, Тоде Белич, Тоде Мајнал, Гогов Јован, Ало Тончов, Начарот, Поп Стефан. Во Велес тогаш  имало  14 илјади  жители  и 14 пајтони. Ама не сите се возеле на нив, се знаел редот.     

По невеста најчесто  се одеше со пајтон и после до црквите Св. Пантелејмон или Св. Спас,  па дома на свадба.  Коњите секој пат беа исчешлани, дотерани, опашките  врзана а копитата чистени со боја за чевли, да светат. Како кај човекот така и кај нив. Главната улица беше  само  со калдрма,  другите со земја. Богатите одеа и со чези, тоа се нивни газдински коли со две тркала, еден коњ и две  места за седење. Сиромасите пак имаа рабаџиска  кола   таа е товарна со еден или два коња кој служеа за превоз на градинарските производи. Најчесто одеа за Прилеп, преку Извор. Тргнуваа во осум навечер за да стасаат осум наутро на пазар -   вели В`чков                                      

 Татко му Тодор ги возел познатите газди Ацо  Шукаров,  Андо Кирков и Ацо Органџиев  секоја  година до Катланово на одмор. Таму седеле ни повеќе ни помалку туку  18 дена.  И Димче како дете му правел друштво на татко му до таму, за да не се враќа сам.

Возевме по стариот пат до Катланово цели 25 км. два пати ќе одмориме, заради коњите. Една година коњот на татко ми умре и  кога требаше да ги носи му кажа  на Андо дека не бива. Кирката вели ќе го решиме тоа. Му даде еден коњ од неговата чеза. По некое време кога татко ми собра пари, реши да ми го плати коњот а тој Кирката вели ,,јас ти го дадов коњот така без никаква обврска, ако ми даваш пари ќе ги земам и нив и коњот, затоа враќај назад парите , да не останеш и без коњ и без пари,,. Ете такви беа тогаш газдите – се присетува Димче.     

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »