речник контакт

Семејството Катранџиеви

Како по десет години семејството Катранџиеви доби покрив над главата. Или сепак има Дедо Мраз

Петар Печков

Есенва се исполни неколкугодишниот сон на семејството Катранџиеви, бабата Нада со трите внуци, сираци се всели во станот кој го доби од државата. Самохраната баба заедно со Наташа, Живко и Драган добија сигурен кров над главата, нешто за што копнееја по смртта на нивниот татко и син, Панче. Во населбата Тунел, во комплексот наменет за ранливата категорија граѓани, во зградата бр. 3 на трети спрат, стан 25 на вратата пишува Катранџиеви.

- Голема работа ни се случи годинава. Што се не поминавме во животот, колку маки и перипетија. Сега срцето ми е на место, се средивме во овие 62 квадрати. Децата се вдомија, тоа ми е најважно, го исполнив аманетот кон нивниот татко да не останат на улица - објаснува шеесети девет годишната Нада Катранџиева.

За неа и внуците ова е нов живот, нов почеток. Станот е опремен со помош на нејзини блиски внуци и црквата Св.Богородица кои помогнале да се купи неопходната покуќнина. Бабата го посочува примерот на средниот внук Живко, кој летово благодарејќи на градоначалникот, се вработил на Градскиот базен а парите што ги спечалил ги вложил во станот. Старицата е бескрајно благодарна и на министерот Јанакиевски, кој многу им помогнал во добивањето на станот. Презадоволни се од условите во кој живеат, наспроти влажните простории, без струја во куќата каде беа под кирија последните пет години.

- Кога ќе се сетам дека минатата Нова година ја пречекавме во соба во која прокиснуваше од таванот, а годинава сме во топол дом, чувствата се силни, не ми се верува. Ова е остварување на нашиот животен сон, секој ден е се подобар и поубав - вели Наташа, која годинава е матурантка во гимназијата Кочо Рацин. Нејзиниот брат Живко е трета година Економска, додека најмладиот петооделенецот Драган е ученик во ОУ Св.Кирил и Методиј. Тој остана верен на друштвото од одделението и старото маало, па иако живее на другиот крај од градот секој ден пешачи по пет километри од населба Тунел до месноста Мегдан, каде е училиштето а потоа и назад.

- Тешко ми е, ама не можам да се разделам од другарчињата, па секој ден минувам по еден час во еден правец и уште еден назад - вели Драган, бидејќи нема можност да го плати месечниот автобуски билет. Не му е тешко што мора да стане рано а да се врати попладне, вели дека излегува и се враќа со вработените соседи, некогаш и подоцна од нив. Но среќен е што Новата Година овој пат ќе ја мине во топла и чиста соба, со насмевката на баба Нада и специјалитетите што таа ќе ги подгови.

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »