речник контакт

Се обележа годишнината од смртта на Брашнаров, но досега ништо од неговата идентификација и рехабилитација

И по толку години од пронаоѓањето на неговиот гроб нема конкретни активности за негова идентификација и рехабилитација

Петар Печков

Уште еднаш на 13 јули се одбележа годишнината од смртта на првиот претседавач на АСНОМ Панко Брашнаров, овој пат 63-тата.  Пред неговиот споменик во Велес се положија букети свежо цвеќе а историчарот Слободан Ников потсети на делото на народниот учител од Велес, кој почина на Голи Оток 1951-та.

И додека пред три години тројца велешани според документи на Хрватскиот архив најдоа гроб каде треба да почива  Брашнаров, по толку години нема  никакви конкретни активности, да се докаже дека таму се посмртните останки на македонскиот револуционер, сведок нa двата Илиндени. 

Досега никој не побарал од семејството да се изврши ДНК анализа. Само така можеме  да дознаеме дека Панко навистина почива во Загреб на Мирогој. Пред три години имаше голема помпа, најава дека е најден гробот. Сите се сликаа, ветуваа ама по толку време ништо не се случи. За жал. Имаше најави дека Панко ќе биде донесен и дома во Велес, се остана на зборови – вели Елена Панова, внука од брат на Панко Брашнар.

Таа живее во неговата родна куќа, каде стои спомен плочата за сеќавање каде живеел   револуционерот.  По откривањето на местото каде  според документите  почива Брашнаров, надлежните најавија дека прво треба да се идентификуваат посмртните останки, па дури потоа може да се очекува тој да биде донесен во  родниот Велес. Минатата година,  на одбележувањето н годишнината од смртта неговиот внук Костадин Сарагинов, побара да започне процес на рехабилитација на Брашнаров, но и од тоа  засега нема ништо.

Панко Брашнаров (9 август 1883- 13 јули 1951) бил македонски комунист, член на првиот Централен комитет на ВМРО (Обединета) и потпретседател на Президиумот на АСНОМ. Поради поддршка на Резолуцијата на Информбирото е уапсен и испратен на Голи Оток, каде набрзо умира како најстариот затвореник по основа на Информбирото. Во неговиот 68 годишен животен пат, 50 години бил вклучен во револуционерни активности а повеќе од десет години минал во бугарски, српски и југословенски затвори. На основачкиот конгрес на ВМРО (Обединета) во октомври 1925 година е избран за член на нејзиниот прв Централен комитет.

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »