речник контакт

Симонов доби отказ од Дрекселмаер поради штрајкот

Вакво отказно решение добиле шеесетина лица од фабриката.Ми избркаа од работа затоа што си го барав заработеното вели Симонов

Петар Печков

Велешанецот Деан Симонов добил отказно решение од фабриката Дрекселмаер. Според него тој е еден  од шеесетината работници која вака биле казнети,  оти си ги побарале парите за вонредната работа за Велигденските празници. Причината  за отказот која раководството ја навело во писмената одлука е што тој и неговите колеги штрајкувале.

Пред десетина дена во оваа германска  фабрика за автомобилски делови, лоцирана во близината на  Кавадарци, се случи штрајк, како резултат од незадоволството  поради  неисплатениот Велигденски надоместок за празнична работа.

Ми избркаа од работа затоа што си го барав заработеното, дали е тоа грев. Јас и колегите сме работници избркани од работа оти си ги барав своите права, ништо повеќе. При крајот на работното време во петокот, во втора смена ме повикаа во службите и шефот ми посочи дека добивам отказ од  работното место. На моето прашање зошто, одговорот беше оти сум штрајкувал. Ми повикаа обезбедување, кое ме изнесе до капија, таксито повикано од нивна страна,  ме чекаше  и ме возеше 50 км до дома. Не смеев во автобусот, да не предизвикам реакции кај колегите, да не реагирам. Штрајкот се случи на почетокот од третата смена претходниот ден, па штрајкуваше првата смена  а јас дојдов  втора смена, 15 часа подоцна и јас сум  организатор на штрајкот и ме бркаат од работа, како е можно тоа – вели Симонов.

Тој  потсети дека и по штрајкот кој се случи пред два месеци, поради незадоволството од условите со превозот, кога втората смена не отпатува на работа од Велес, дваесетина лица добиле отказ, а во образложението пишувало поради недисциплина.

Проблемите  со работниците во фабриката кулминираа по исплатата  на априлската плата без ветените надоместоци. Со писмен договор раководството се обврза да ни исплати по 2,2 илјади денари плус ваучер од 1,5 илјада од маркет за пазарење. Ваучерот го добивме, парите не. Бев и прашав зошто ги нема. Прашав и зошто не се исплатени парите кон извршителот за долг а ми се запрени од платата во два наврти. Мислам дека ова беше решавачко да добијам отказно решение.  Кога прашуваме за платата зошто е толкав износот а не повисок, тие одбиваа да одговорат. Кратко ќе речат ,,ако сакаш работи ако не  ја гледаш вратата,,. Притисоци има секојдневно, со зборови. Не третираа многу  некоректно. Јас немам договор за работа. Го потпишав, шефовите го земаа а мене примерок не ми дадоа. Како да не сум работел никогаш – додава Симонов. Т

ој се чуди како може другите големи странски инвестиции во Македонија Џонсон мети, Џонсон Контрол, Ван Хол да делат натпросечно македонски плати за работниците, додека во Дрекселмаер се делел мининалец.

Симонов и неговите напуштени колеги планираат да се сретнат со гранковиот синдикат за да си ги барат нивните права. Во образложението за откажување  на  договорот за вработување на Симонов пишува дека ,,работникот своеволно пристапил кон организирана група на работници, кои организираа штрајк,  кој е спротивен на Законот за работни односи,,.

За работодавецот штрајкот ниту бил најавен, ниту имало постапка за помирување, немало писмена или усмена најава, ниту причини за штрајкот. Ваквиот штрајк за Дрекселмер е противправен и предизвикал материјална штета по нив, со неисполнувањето на деловниот  план и доцнење на испораката на договорените количества во даден  рок.

АНКЕТА »

Велес е еден од малкуте градови во Македонија, кои немаат пешачка зона во центарот на градот. Дали сте за улица 8-ми септември од Сармаале до споменикот на Илинденците да биде затворена за сообраќај а тој дел пешачка зона?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »