речник контакт

Словенско Младинско Гледалишче гостува во Велес, на фестивалот Импакт

Четири дена велешката публика ќе може да гледа претстави кои нудат нови поинакви содржини од редовниот театарски репертоар. Сите претстави се играат во театарот по цени од 50 денари.

Петар Печков

Со претставата ,,Дива светица, мајка кучка,, на Словенско младинско казалишче од Љубљана  утревечер ( сабота) во 20 часот во Велес,  ќе биде отворен првиот   Меѓународен театарски фестивал  ,,Импакт,,. Четири дена  велешката и македонската публика публиката ќе може да гледа претстави кои нудат нови поинакви содржини од редовниот театарски репертоар.

Доаѓањето на словенечкиот театар е празник за сите негови љубители и  тие имаат цврста позиција во меѓународните театарски простори и драго ми е што ќе бидат наши гости. Фестивалот е планиран да донесува естетски  предизвици, замислен е како лабораторија за нови изрази, со истражувачки пристап, претстави кои експериментираат на повеќе полиња. Македонија е затворена земја за релевантни уметнички претстави, такви дела ретко доаѓаат и сакаме тој простор да го покриеме. Сакаме да изградиме успешен фестивалски бренд кој ќе функционира и во понудата за културен туризам на Велес – изјави директорот на фестивалот Александар Ивановски.

Организатор на фестивалот е Здружението на креативни акции ,,Импакт,, Велес, во партнерство и  финансиски потпомогнато од локалната власт на општина Велес и техничка поддршка од театарот Јордан Хаџи Константинов Џинот, во чиј салон ќе се одржуваат сите претстави. Секоја вечер ќе се одржуваат по две претстави, од 20 и 22 часот,  театар и современ танц, а цената на билетот е 50 денари.

Во сабота се отвора со авторскиот проект на Маруша Гејмаер Облак и претставата  ,,Дива светица, мајка кучка,,  на СМГ а во 22 часот е политичкото кабаре ,,Оркестар ББ,,  на студентите од ФДУ во класата на Виктор  Цветановски и  Мими Таневска.

В недела се две танцови претстави ,,Бубачки,, во кореографија и за изведба на Кире Миладиновски, а потоа е ,,Внатре и надвор,, во кореографија и изведба на Александра Кочовска и Филип Мирчевски.

Понеделник е резервиран за претставите ,,Хајди ,, со Александар Георгиев и ,,(Не)поврзаности ,, со Кире Миладиновски и Александра Кочовска. 

Фестивалот ќе биде затворен во вторник со бугарската претстава ,,Мртвата Дагмар, или девојчето со кибритчињата,,   продукција на театарска лабораторија СФУМАТО  и  претставата ,,Мизантроп,, од  Молиер во продукција на ,,Театра,, првиот независен театар во Македонија во режија на Билјана Радиноска,   настапуваат: Наташа Петровиќ, Билјана Драгичевиќ, Диме Илиев, Кирил Андоновски и студенти од ФДУ.

АНКЕТА »

Како да се надмине состојбата со големиот број заразени лица, позитивни на ковид-19?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »