речник контакт

Собор на Св. Архангел Гаврил 8.IV и Цветници

Денес 8-ми април, повторно два големи празници заедно.Празник на големиот Господов гласник С. Архангел Гаврил. Именден празнуваат: Гаврил, Габриела. Празник на последното влегување на Исус во Ерусалим- Цветници. Именден слават Цветан, Цвета.

Петар Печков

Светиот Архангел Гаврил е благовесник на зачнувањето на  Бог Исус Христос, Синот Божји. Неговиот спомен Светата православна црква го празнува следниот ден по Благовештение на Пресвета Богородица, односно на 8 април според новиот (или на 26 март според стариот) календар. Празникот е наречен собор бидејќи тогаш во храмовите  се собираат оние што веруваат во него. Заедно со Архангел Михаил тој е најпознатиот меѓу ангелите, оној што соопштил повеќе вести поради што е познат како гласоносец или како вестител. Освен што на Богородица и се јавил во Назарет и и ја соопштил благата вест дека ќе го роди Спасителот Исус Христос (Свето Благовештение), тој е познат и со повеќе други јавувања како во Стариот така и во Новиот Завет.

На Захарија му се јавил и му соопштил дека ќе му се роди син што ќе се вика Јован (Св. Јован Крстител), а поради тоа што овој не поверувал го казнил со одземање на гласот до раѓањето на синот. На Богородица и се јавил и и го соопштил денот и часот не нејзиното Успение,  на пророкот Данило му се јавил и му  соопштил за доаѓањето на Спасителот, на Мојсеј му се јавувал повеќепати додека овој го чувал стадото на Јатор, му соопштил многу важни работи меѓу кои и за постанокот на светот што овој ги запишал во  Прва книга Мојсеева (Битие) застапена на почетокот од Стариот завет на Светото Писмо.

Им се јавил и на св. Јоаким и Ана и им соопштил дека ќе им се роди ќерка  Дева Марија што ќе се прослави со тоа што ќе го роди Спасителот, на Пресвета Дева Марија освен тоа што и се јавил кога и ја соопштил благата вест дека ќе го роди Сопасителот и се јавувал и друг пат и тоа повеќепати, додека оваа престојувала во храмот во Ерусалим, му се јавувал на праведниот Јосиф, на овчарите што ги паселе своите стада на ридовите околу Витлеем кога при раѓањето на Исус силна светлина ги исплашила,  му се јавувал и на самиот Господ Исус Христос кога го бодрел при страдањата, им се јавил на жените мироносници утрото по Воскресението кога го посетиле Господовиот гроб итн.

За сите овие јавувања на архангел Гаврил Светата православна црква го востановила празникот Собор на св. архангел Гаврил што се празнува на  26 јули. Овој празник се празнува  и со домашни служби и со селски собори многу посвечено во однос на 8 април поради тоа што овој празник е веднаш по големиот празник Благовештение, и е во негова сенка,  а се паѓа и во строгите или тешки Велигденските пости.

Архангел Гаврил, заедно со Архангел Михаил го имаат чинот на серафимите, а серафимите имаат највисок ангелски чин поради што стоеле најблиску до Бога.  Гаврил е еден од седумте најблиски до Господа серафими чии имиња се:  Михаил, Гаврил, Рафаил, Урил, Селатил, Ехудил, Варахил. Некои кон овие го додаваат и Јеремил. Сите имаат иста чест или исто ниво на значење, но имаат различни служби.

На иконата  Светиот Архангел Гаврил е претставен или со крин при Благовештението на Пресвета Богородица, или со рајска гранка при Успението на Пресвета Богородица.

Цветници- празник на последното  влегување на Исус во Ерусалим

Празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица    секогаш е една недела пред Велигден и се празнува во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери со цвеќе и  врбови гранки, како и со својата облека му го го постилале патот. 

Според тогашните закони учител можело да биде само лице што наполнило триесет години. Исус веќе четврта година го проповедал своето учење, а бидејќи за Пасха мноштво народ доаѓал во Ерусалим за да го прослави празникот и Исус по четврти пат доаѓал како учител. Но тогаш разбрал дека неговиот пријател Лазар од Витанија е тешко болен.

Исус веднаш се упатил тамо но стигнал четири дена по неговата смрт и по погребот. Сестрите на Лазар Марта и Марија го прекориле Исуса велејќи му дека ако дојдел на време немало Лазар да умре. Марта му рекла: „Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми. Но и сега знам што и да посакаш од Бога Бог ќе ти даде”.

Легендата вели дека Бог сакал Лазар да умре за врз него да се манифестира силата Божја. Кога дошол до гробот Исус го повикал Лазара: „Лазаре, излези надвор”. И Лазар веднаш излегол завиткан со платно на рацете и нозете и со крпа околу лицето. Сите што го виделе тоа се почудиле и поверувале дека Исус е синот Божји. Со овој чин Исус уште повеќе се здобил со слава. И пак се упатил кон Ерусалим.

Кога стигнал во подножјето на Маслиновата гора Исус пратил двајца свои ученици во Витфагија да му донесат  магаре и ослица. Учениците ги донесле, а потоа ги ставиле на ослето своите облеки врз кои седнал Исус и така влегол во Ерусалим поздравен од мноштво народ.

Ваквиот пречек на Исус во Ерусалим бил последица од неговата голема популарност меѓу народот уште повеќе зголемена по воскреснувањето на Лазара. Се поставува прашањето, зошто Исус во Ерусалим влегол качен на магаре? Толкувачите на Светото Писмо истакнуваат дека кај источните народи магарето било симбол на мирот наспроти коњите што служеле за водење војни.

Магарето мирно му служело на човекот како што и Исус му служел на народот. Пречекувајќи го Исуса воодушевениот народ со цвеќе, врбови гранки но и со својата облека го постилал патот.

Во спомен на ова свечено влегување на Исус во Ерусалим уште од најраните христијански времиња е востановен празникот Цветници кој, меѓутоа, се празнува од III век. На иконата овој  чин е насликан како Исус јава на магаре, а неговите ученици и народот му го постилаат патот со цвеќе и облека.

АНКЕТА »

Како ќе ја помните годината зад нас, 2019-та?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »