речник контакт

Советот донесе одлука, забрането е закачување плакати по дрвјата

Некролозите ќе се отстрануваат, казни нема да има

Петар Печков

Забрането е поставување на некролози на дрвјата, но и било каков друг пропаганден материјал.  Ова е одлука донесена од Советот на Општина Велес на 36-тата седницата, одржана на 18-ти јуни, која почна да се применува од први јули.  Целта била  да се создадат услови за подобар развој на зеленилото во општината. Закачениот материјал на дрвјата ќе се отстранува, казни нема да има. 

Согласно Одлуката, на дрвјата кои се засадени на јавни површини забрането е лепење на плакати, некролози, поставување на електрични инсталации, поставување на рекламен и пропаганден материјал, поставување на метални држачи, шајки и премази -лепаци, бои, вар, за да не се предизвикува оштетување, заболување или нагрдување на дрвјата. Да се грижиме заедно за зеленилото како предуслов за здрав живот во чиста животна средина - соопштија од Општина Велес.  

Задолжен за примена на оваа одлука е  ЈКП „Дервен“ , чии вработени континуирано ќе вршат отстранување на сите материјали и предмети од дрвјата. Од локалната власт апелираат до граѓаните да ја  почитуваат Одлуката за управување со зеленилото и на тој начин да придонесат за заштита и зачувување на урбаното зеленило за следните генерации.  Најавија дека во наредниот период  ќе се постават  паноа, како пред јаворите, каде граѓаните ќе можат да ги поставуваат некролозите или друг вид пропаганден материјал. 

Од локалната власт потсетуваат  дека не е дозволено било какво сечење и кастрење на зеленилото на јавни површини и во приватен имот без дозвола. Доколку има  забележано дрво кое е оштетено, се поднесува  барање во Општина Велес. За постапување со оштетени дрвја е формирана Комисија која ќе спроведе постапка за сечење, односно кастрење на оштетените дрвја.

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »