Петар Печков
Објавено: петок, 12 јуни 2026
Четвртокот на пладне се случила сообраќајка на експресниот пат Градско –Прилеп кај исклучокот за Кавадарци. Во директен судар две лица починале на лице место а едно е пренесено во Скопје поради тежината на повредата. Деталите од информацијата на велешка полиција.
„На 11 јуни во 13:30 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека на експресниот пат Градско-Прилеп, после исклучокот за Кавадарци, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило ,,шкода октавија" со прилепски регистарски ознаки, управувано од Ж.Р.(51 год) од Прилеп и патничко возило ,,фолксваген голф" со прилепски регистарски ознаки, управувано од Т.М.(39 год) од Прилеп. Во несреќата на местото починале возачот на патничкото возило ,,шкода" и 42-годишната Б.Б. од Прилеп, сопатник во возилото, а смрт констатирал лекар од екипа на Итна медицинска помош Кавадарци. Со тешки телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило ,,голф", констатирани во Општа болница Кавадарци и бил пренесен во Комплекс клиники ,,Мајка Тереза“ во Скопје“ – соопштија од СВР Велес.
По наредба на обвинител од ОЈО Кавадарци двете возила биле испратени на вонреден технички преглед, починатите се предадени на обдукција. Увид на местото изврши јавен обвинител во содејство со увидна екипа од ОВР Кавадарци. Сообраќајот бил нормализиран во 17:00 часот.
фото МИА
| Tweet |




