Петар Печков
Објавено: вторник, 31 декември 2024
Изгласан е Буџетот на Општина Велес. Тој на приходната страна е во висина од 1.247.803.652 денари, додека на расходната е повисок и изнесува 1.299.420.374 денари. Разликата од 51.616.722 денари ќе се покрие со 55 милиони денари кои остануваат од годинашниот буџет како вишок а има за отплата главница од кредит во висина од 3.383.278.
На приходите најголемо учество 51 отсто имаат даноци од специфични услуги во кои спаѓаат: комуналните такси за привремен престој, за назив на фирма, комуналните такси што се плаќаат при регистрација на возилата, комуналната такса за уличното осветлување, надоместокот за уредување на градежното земјиште и други комунални такси. Потоа со 26 отсто се даноците од имот.
Капиталните приходи за 2025 година се проектирани на износ од 34.180.083 денари и тоа од продажбата на градежното земјиште , надоместок за концесии за експлоатација на минерални суровини , од наплатени приходи од легализација на бесправно изградени објекти.
Капиталните расходи годинава се 276.325.567, што е за 58 милиони повеќе од лани. Причината е изградбата на подземната гаража. Приходите 60 отсто се од трансакции од централната власт по основа на плати а 40 отсто се изворни приходи.
Буџетот и изготвен во согласност со Насоките за изготвување на буџетите на единиците на локалната самоуправа (Буџетски циркулар) доставени од страна на Министерството за финансии на Република Северна Македонија. Буџетски корисници на Општина Велес се институциите од образованието, културата и детската градинка.
Тодор Јаковлев СДСМ – Имаме многу асфалтирани улици ама на некои од нив се гледаат дупки. Нема капитални инвестиции во индустриските зони.
Маргица Урумова Левица – Со неприфаќањето на предложените и аргументирани амандмани на претходната седница, се девалвира работата на советниците.
Игор Смилев Левица – Ако денот по утрото се познава, имаме уште еден просечен буџет, нема исчекор напред во капиталните инвестиции.
Елизабета Митревска ВМРО-ДПМНЕ – Имаме 100 процентно реализиран буџет годинава, што не се случило години наназад. Имавме горчлив проблем со осветлувањето на улиците а од следната граѓаните ќе може конечно да го видат благодетот со новото осветлување. Се надевам дека овој нов високо проектиран буџет, ќе продолжи да ги решава проблемите на велешани. Високата проекција на очекувања од даночни приходи од граѓаните не е научна фантастика, туку работа и проценка на администрацијата.
Марјанчо Николов СДСМ – Не е важно колку пари има на општинската сметка, важно е колку проблеми на граѓаните се решаваат или ќе се решат.
Општинскиот буџет беше изгласан со мнозинство гласови 12 ЗА, 3 против и 6 воздржани.
Tweet |