речник контакт

Спомениците завршија на отпад

Се крадат за ситна материјална корист, се прави огромна историска штета

Петар Печков

Бројни споменици на борците од НОБ преку ноќ исчезнаа од Велес. Со години наназад се крадат за потоа да завршат во некои од откупните центри, како стари железо. Листата на имиња е долга, но не и конечна, оти и на тие што малку останаа им се заканува дека во некое време ќе бидат украдени. Петте спомен бисти во Младинскиот парк се украдени, трите на поетите револуционери во дворот на Гимназијата исто така, буквите од споменикот на Гемиџии во три наврати се крадат, ги нема ни буквите на  бистата на актерот Петре Прличко...

За жал  ова е пракса која го отсликува менталниот склоп на одреден број наши сограѓани. Не само општината, туку и било која друга институција не може да преземе ништо ако некој решил да ги краде или тенденциозно уништува. Во соработка со Сојузот на Борците ќе се обидеме да создадеме место каде би биле тие групирани. Сега имаме преку триесетина на различни локации во градот невозможно е да  се организира чуварска служба и ефективно да се сочуваат од луѓе кои за ситни материјална корист, прават огромна штета – вели градоначалникот Горан Петров.

Тој смета дека е невозможно идеално да се заштитат, но потребно е да се стори напор колку што може повеќе тие да бидат сочувани. Од Сојузот на Борците од Велес сметаат дека со крадењето на бистите се брише историјата.

Што ќе им оставиме на наредните генерации, кога сега на ваков начин вандали ја бришат историјата. Треба локалната власт  да го реши овој проблем а полицијата да ги фати сторителите – вели  Саздо Кицевски. 

Градоначалникот Петров се оградува од барањата на роднините на 53-цата стрелани, чиј споменик на Градските гробишта во Св. Спас,  беше искршен пред три години. Смета дека тоа е приватно обележје и градот тука не може да помогне. Понудил на дел од семејствата заеднички да се реши проблемот, но одговор немало.

АНКЕТА »

Како да се надмине состојбата со големиот број заразени лица, позитивни на ковид-19?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »